Ставрески: Нови шест странски компании најавија сигурен влез во земјата
Објавено во: Економија 19 Мај, 2013
Меѓудржавниот договор меѓу Република Македонија и Руската Федерација за изградба на гасоводниот крак од Јужен тек се очекува да се потпише наредниот месец. Финалниот текст е усвоен од страна на македонската Влада на последната седница, истакнува вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во интервјуто за МИА. Во него посочува за странските директни инвестиции и најавеното инвестирање од шест компании. За поволната бизнис клима во земјава и ниските даноци, за економската состојба во земјава. Најавува продолжувње на рокот за аплицирање во проектот „Купи куќа, купи стан“, како и за поддршката на домашното производство преку купување македонски производи со воведувањето на „македонското сонце“ на фискалните сметки.
1.„Јужен поток“ напредува во изградбата, а земјите вклучени во гасоводот ги средуваат формалностите за своето учество во проектот. До каде е договорот за приклучување на Македонија во коридорот? Со задоволство можам да кажам дека меѓудржавниот Договор за приклучување на Македонија кон Јужен тек е веќе реалност. Добивме потврда од страна на Русија дека се согласни со предложениот текст, по што Владата на РМ на минатата седница го усвои финалниот текст на Договорот помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Руската Федерација за изградба на гасоводен крак кон Република Македонија. Сега го договараме формалниот датум за потпишување на Договорот, при што очекуваме истото да биде во јуни во Санкт Петербург. Поврзувањето со меѓународниот коридор за пренос на гас Јужен поток, за Македонија обезбедува многукратни придобивки. Со Договорот е предвидено да се обезбедат дополнителни количини на природен гас, што ќе значат стабилна енергетска иднина на нашата земја. Влегувањето на Македонија во овој проект значи дека ќе обезбедиме сигурно снабдување со гас на сите стопански капацитети, како и за домаќинствата, при што може да се очекува и намалување на цената на гасот. Ќе се задоволат целокупните потреби за гас во земјата, како за нови стопански и енергетски капацитети, нови електрани, така и за гасоводната мрежа до сите градови. Проценката е дека до 2030 година потребните количини на гас кои ќе се обезбедуваат би изнесувале 2,5 милијарди кубни метри. Оператор на гасоводот во Македонија ќе биде мешовито македонско-руско друштво, кое со Договорот е предвидено да биде со еднакво учество од по 50 проценти. 2. Какви се очекувањата за прилив на странските директни инвестиции за годинава? Имаше најави од странски компании за инвестиции. Со кои од нив преговорите се во понапредна фаза? Сигурен влез најавија 6 компании - инвестиции кои ќе се реализираат во текот на годинава. Компанија од ИТ секторот која планира да вработи 1.100 луѓе најави дека ќе отвори капацитет во Скопје. Исто така, германска компанија од автомобилската индустрија ќе гради фабрика во Велес, тука се планирани 600 вработувања. Уште една европска компанија од автомобилската индустрија најави отварање на фабрика која ќе вработи од 250 до 400 луѓе, тие се уште не одлучиле за локацијата – изборот е меѓу Скопје, Штип и Охрид. Три турски компании ќе инвестираат годинава, се очекува отварање на 600 нови работни места. Се преговара со уште неколку компании од автобилската индустрија, електрониката итн.
Во секој случај, се повидливи се резултатите од долгогодишните напори за подобрување на бизнис климата во РМ. Ако во текот на изминативе години во околности на голема криза на светската економија успеваме да привлечеме солиден број мултинационални компании, можеме да бидеме оптимисти дека со стивнувањето на кризата, резултатите ќе бидат уште подобри. Ова што го работиме во делот на проивлекувањето на инвестиции, континуираните реформи за подобрување на бизнис климата, презентацијата на Македонија како добра дестинација за бизнис, е забележано и оценето како многу позитивно од страна на инвеститорите, меѓународните финансиски институции, политичарите и влијателни луѓе од многу земји. 3. Она што се истакнува како адут кај Македонија за привлекување странски инвестиции се ниските даноци. Како Македонија успеа да задржи ниско ниво на даночни стапки и покрај негативните движења во Европа?
- Македонија има најатрактивен даночен пакет во Европа, најниски стапки на даноци, но воедно и најниски вкупни трошоци за водење бизнис во Европа. Во текот на целиот период од почетокот на светската економска криза досега, Владата на Република Македонија издржа да не не ги зголеми даноците. Уште повеќе, со непроменети даноци Македонија успеа да обезбеди стабилни буџетски приходи, додека голем број од земјите-членки на ЕУ и дел од земјите во регионот не успеаа во истото и ги зголемија даноците. Во периодот од 2008-2013 година, 17 земји-членки на ЕУ ги зголемија стапките на ДДВ во опсег од 1% до 7%. Минатата година покачување на ДДВ имаше и кај земјите од регионот - Хрватска од 23% ја зголеми стапката на 25%, а Србија од 18% на 20%. Вистинскиот одговор на прашањето како Македонија успеа да ги одржи ниските даноци во услови на општа криза е дека поставивме добра даночна политика и истата успешно се менаџира и спроведува. Ниските даночни стапки во Македонија ја прават даночната евазија неисплатлива, а истовремено реформите кои ги спроведовме ја зголемија фискалната дисциплина. Но треба да се истакне и дисциплинираното спроведување на антикризните мерки во делот на штедење на Владата и државните институции на сите помалку продуктивни расходи.
Таквата дисциплина и одговорност во водењето на јавните финансии овозможи да не зголемиме даноците и покрај големите искушенија од долготрајната светска криза, а во исто време дури и да ги зголемиме капиталните инвестиции во Буџетот, како и пензииите, социјалната помош и субвенциите. Слободно можам да кажам и тоа лесно може да се провери – нема друг таков пример во Европа во последниве 5 години на светската економска криза. 4. Како ја оценувате економската состојба во Македонија, со оглед на движењата во европската економија?
Македонија се справува со кризата подобро од многу други земји. Започна позитивен тренд во производството во индустријата. Во март е регистрирана стапка од 4,2%, по растот во феврурари од 4,5%. Се очекува задржување на растот на индустриското производство и во следниот период. Двојно се зголемени извршените градежни работи во првите два месеца од годинава, што ќе има позитивно влијание врз севкупниот економски раст. Позитивен раст, иако низок, има и кај извозот, имајќи ја предвид економската состојба во ЕУ која е се уште неизвесна. Македонија е четврта најмалку задолжена земја во Европа, што е голем успех. Редовно се исплаќаат сите буџетски обврски, ги исчистивме заостанатите долгови и редовно се вршат плаќањата кон фирмите по основ на поврат на ДДВ и фактури, ги зголемивме пензиите, социјалната помош и субвенциите. Сето тоа се реални резултати кои покажуваат дека иако имавме бројни предизвици и проблеми, сепак добро се изборивме со кризата, која несомнено е најтешката и најголемата криза во последите 80 години.
Според очекувањата, во втората половина од оваа година ЕУ би требало да оствари позитивен раст, што ќе овозможи и раст на македонскиот извоз и производство. Сепак, состојбата во економиите на земјите од ЕУ е се уште со многу ризици, што налага сите проекции да се земат со резерва и будно да се следи ситуацијата што македонската Влада и го прави.
5.Веќе изминува петтиот месец од годинава. Неодамна споменавте дека буџетот е во добра кондиција. Дали ќе има потреба од ребаланс на државната каса?
Не очекувам и засега нема потреба од ребаланс на буџетот. Сепак, треба да се потестиме дека ребаланс на буџетот значи усогласување на расходната и приходната страна во текот на годината, на што влијаат внатрешни и надворешни фактори. И тоа не е баук доколку евентуално се случи. Особено не во вакво турбулентно окружување, во услови на европска должничка и светска економска криза. Сите од земјите од регионот, изминативе години правеа и до две усогласувања годишно.Инаку, полнењето на буџетот засега оди сосема задоволително. Ако ја погледнете расходната страна на буџетот – ќе видите дека добар дел од обврските кои требало да се сервисираат се реализирале токму во овој период. На почетокот на годината ја исплативме еврообврзницата во висина од 183 милиони евра. Исто така, како што беше ветено, заклучно со февруари беа целосно расчитени обврските на државата кон стопанството по основ на поврат на ДДВ и други налози. Сега тие обврски се одржуваат на нула. Да напоменам дека Македонија е прва и единствена земја во регионот која се соочи и го реши овој проблем. Истовремено исплативме големи износи за субвенции, за тутунот и многу други земјоделски култури. Навремената исплата на сите обврски најдобро говори за кондицијата на Буџетот. 6.Проектот „Купи куќа, купи стан“ се реализира и оваа година. Објавени се огласи до 31 мај. Дали и во наредните месеци ќе може да се поднесуваат барања, односно дали ќе се продолжи рокот? Досега 121 семејство доби свој дом благодарение на овој проект и уште 20 апликации се во завршна процедура. Владата објави уште еден јавен повик во рамки на кој граѓаните може да поднесуваат барања до 31 декември годинава. Освен тоа, овој проект даде поддршка за градежништвото и ја поттикна и кредитната активност на банките. Околу 4 милиони евра станбени кредити се доделени преку овој проект, од кои 703.000 евра субвенционираше државата. Најмногу одобрени апликации има во Скопје, потоа во Битола, Струмица, Кичево и Куманово. Граѓаните повеќе го избираат моделот „половина рата“. Засега, многу повеќе апликации се за купување стан, отколку за куќа. Меѓутоа по зголемувањето на субвенцијата за изградба или надградба на куќа од 50% на 75%, расте интересот и за оваа опција. Граѓаните може да искористат и некој од плацевите што ги нудат општините како што се Бутел каде има 150 парцели за индивидуални куќи, Хиподром 300, Прилеп 354, потоа Илинден, Сопиште...Проектот е одлична можност за граѓаните да го решат животното прашање со поддршка од Владата преку субвенција која достигнува и до 15.000 евра.
7. Го вративте „македонското сонце“ на фискалните сметки. Купувате ли Вие „македонски производи“ и кои ефекти ги очекувате од овие промени во фискализацијата?
- Сонцето е знак за квалитет, за македонски производ. Македонските производи се квалитетни и лично кога купувам, претпочитам да го земам производот со македонско потекло. Купувањето на секој македонски производ значи вложување во нашата економија – вложување во нови работни места, во развој на нашите фирми, подобри услови за живот, нови патишта, училишта, болници...Домашниот пазар е важен за македонските фирми. Враќањето на „купувајте македонски производи“ на фискалните сметки е еден начин да се зголеми свесноста кај секој од нас, да се пробуди чувството дека нема развој на домашната економија без сите заедно и секој поединечно во својот дел и своите можности, да помогне тоа да се случи.Истовремено со промените кои се направија во фискализацијата се овозможи постојано електронско поврзување на фирмите со Управата за јавни приходи преку ГПРС систем. Со овој систем УЈП ќе има секојдневна информација колкав е прометот на фирмите, односно ќе знае за секоја продажба која е направена. Со ова очекуваме да зајакне фискалната контрола кај готовинските плаќања и зголемување на фискалната дисциплина кај даночните обврзници.
(Интегрален текст од интервјуто на вицепремиерот Зоран Ставрески за Македонската информативна агенција)
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.