СТИГНА ПРВИОТ ПОГОЛЕМ ЦЕХ ОД МОНЕТАРНОТО ЗАТЕГАЊЕ - каматите на новите кредити скокнаа на 4,44 отсто
Објавено во: Финансии 30 Ноември, 2022
Стигна првиот позначаен „цех“ од зголемувањето на основната камата на Народна банка на Македонија, која веќе достигна 4,25 отсто, откако пред околу десетина дена НБМ ја зголеми за 0,75 процентни поени.
Најновите бројки што ги објави НБМ се однесуваат на октомври, и тие говорат дека веќе во октомври, на ниво на целиот банкарски систем во земјава, се зголемиле позначајно каматите на новоодобрените кредити.
Односно, на крајот на десеттиот месец од годинава, каматите на новоодобрените кредити стигнале до ниво од 4,44 отсто, што е многу значајно зголемување кај оваа категорија во однос на претходниот месец, кога тие биле на ниво од 4,09 отсто, што значи порастот е за 0,35 процентни поени.
На почетокот на годинава, пак, новоодобрените кредити имале стапка од 3,84 отсто.
Всушност, новоодобрените кредити имаа пониска стапка од вкупните, што низ годините наназад се должеше на фактот што земјава имаше многу ниска каматна стапла на благајничките записи, односно на основната камата, а меѓу банките имаше голема конкуренција за придобивање клиенти.
Додека, пак, во октомври се зголемила и стапката на вкупните кредити, која достигнала 4,40 отсто, од претходните 4,35 проценти.
Н.Н.Ф.