Тахири: Груевски со последен обид да ги штити клановските интереси на групацијата ВМРО-ДПМНЕ
Објавено во: Македонија 27 Февруари, 2017
Повикот што Никола Груевски го упати до народот да ја одбрани унитарноста на државата е очекувана реакција, откако се обелодени дека СДСМ има подршка од 67 пратеници. Уште повеќе, ваквиот потег на Груевски е очекуван откако изминатите два дена стигна и абер од меѓународниот фактор од каде има јасна порака дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев треба да го добива мандатот за сооставување на влада, вели за Фактор комуникологот Сефер Тахири.
„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се обидува зад националните и државните интереси, како што тој ги замислува да ги штити личните и клановските интереси на групацијата која ја водеше ВМРО-ДПМНЕ. Во таа насока ги гледам и повиците во кои многу пати се споменуваа пропагандистичките формулаци: народ, државни интереси, нападнати сме, да се браниме.
Во ист стил се и пораките против албанскиот јазик и правата на Албанците, кои ги истакнува гледајќи дека народот е многу мирен, а од друга страна се обидува и сака да создаде на вештачки начин тензии на интеретнички план, кои во реалноста не постојат“, вели Тахири.
Тахири посочува дека Груевски и натаму продолжува со реториката насочена против меѓународниот фактор. Но, запрепастувачки е што Груевски како поранешен премиер, не прави разлика помеѓу извршна, судска и законодавна власт.
„Од друга страна, веројатно водејќи се по неговата практика, вели дека подготвен е Зоран Заев да го уапси, да го затвори и малтретира, што е најмалку кажано чудна изјава, бидејќи еден поранешен премиер не треба да создава впечаток дека премиерот е и влада, обвинителство и судство, туку одлуки за правда донесуваат институциите на правната држава. Тоа е добра поука за Зоран Заев да не се претвори во водач на сите власти во земјата“, заклучува Тахири.
Н.С.