04 Мај, 2024
0.0279

Традиција и елита

Објавено во: Економија, Колумни 29 Декември, 2015

Добивај вести на Viber

Долго време сум инспириран од една перверзија која ни се случува во последнава декада - партијата која се декларира за конзервативна, традиционална, раскина со сè што значи традиција, сè што значеа столбови на опстојот – од лустрација на Славко Јаневски, до културен инженеринг. Затоа денеска сакам да го тематизирам тој однос помеѓу категориите „традиција“ и „елита“. Да се каже за некој поединец или општество дека е традиционален денеска некако звучи дури и како навреда. И навистина, тоа понекогаш асоцира на она што е поодминато, остарено, а се чува само од страв да се промени, се чува затоа што ни обезбедува елементарна сигурност. За промени, за придвижување напред понекогаш е потребно остро и недвосмислено раскинување со традицијата. Тоа важи како во личниот така и во општествениот живот:никогаш нема да пораснеме во автономни, самостојни единки ако одлучно не раскинеме со семејните традиции и слободно не се избереме себе си; истото важи и за општеството - не е возможна коренита реформа без одлучно раскинување со традицијата. Но,токму во ова лежи и замката и заблудата на младоста жедна за промени и „раскинувања“ и нови возбудувања. Имено, точно е дека со традицијата се раскинува во одреден момент, но само за да се вратиме на традицијата! Но овој пат, тоа враќање да значи ново, лично и слободно, повторно креативно втемелување на традицијата, со целосно свесен однос кон неа. Раскинувањето, бунтот и отфрлањето на традицијата навистина е знак на потребата од лично и слободно зреење, но подоцнежното целосно отфрлање и така острото сечење на традицијата може да значи и дека тој процес на зреење не завршил. Да не се вратиш и да не ја прифатиш традицијата, дрско и вулгарно да ја отфрлиш засекогаш, значи дека си останал на бунтот - а тоа повторно не е автентична и слободно избрана позиција, оти тоа е позицијанаспроти-традицијата, тоа е позиција изградена само наспроти, за инат и таа не може да биде зрела и автенична позиција. Бунтот против традицијата, родителите може да биде само фаза, а не состојба. Традицијата е потребна, но таа секогаш се усвојува и следи секогаш свесно; кон традицијата не се враќаме, кон традицијата одиме, традицијата ја откриваме. Во традицијата се создаваме свесно, а не затоа што мораме, затоа што „така налага традицијата.“ Ако се воспитуваме „како што налага традицијата“, ниту ќе се воспитаме слободно, ниту автентично ќе ја усвоиме традицијата. Звучи контрадикторно – но традицијата секогаш и одново се гради. Да илустирам: не станувам адвокат, доктор или судија, заради семејната традиција, туку ја продолжувам семејната традиција, затоа што слободно сумизбрал да станам адвокат, доктор, или судија, затоа што тоа е професијата во која лично, слободно и автентично се остварувам. Мојата професија не е условена од традицијата, туку традицијата е условена од мојот слободен избор на таа професија што ја продолжува традицијата. Традицијата, впрочем, не е времетрање, таа е паметење, чување и продолжување. Таа е духот од минатото, на кој се темели сегашноста, во градењето на новата иднина. При тоа, ниту сегашноста, особено не иднината, не се само копии на традицијата мината. Таквото копирање е полтронство, неосвестеност и незрел однос кон традицијата. Нема долга и кратка традиција, традицијата не се простира толку во времето, колку во просторот сегашен, токму како вон-временски фактор. И токму затоа е важна традицијата. Традицијата го твори ткивото, таа е сржта околу која расте скелетот како на поединецот, така и на нацијата. Традицијата го обезбедува личниот и општествениот развој. Најважно е што без традиција - колку е тоа парадоксално - нема напредок (нели навидум напредокот и традицијата се исклучуваа!?). Затоа што без традиција нема елити, традицијата ја гради елитата, а елитата го овозможува напредокот!Гледаме дека елитизмот не значи раскинување со традицијата, туку напротив - тој е врв на традицијата. Елитата никне, поточно се твори, се создава во с`ртот, во круната на традицијата. Личноста својот елитен карактер, своите благородни и врвни својства не може да ги создаде низ бунтот-наспроти традицијата, туку во традицијата, како нејзин најдобар репрезент. Најелитните, всушност се најдобрите претставници на традицијата. Аналогно на тоа и нема вистински општествени елити без традиција во која ќе зреат тие елити. Елитата е духот на традицијата - колку ова и да изгледа контрадикторен став! Вон традицијата елитата е празна, псевдо-елита! Нема елитизам надвор од традицијата. Нашата држава е типичен пример за тоа. Без традиција во приватната сопственост, на пример, нема бизнис елита, туку псевдо-бизнис елита, криминалци, кои во основа раскинале дрско, бунтовно со претходниот систем - традиција (традиција на немање приватна сопственост), станале вон-традиционални, за да „создадат“ „нова традиција“.Без традиција во либерална демократија, на пример, немате политички елити, туку псевдо-елити, исто толку криминалци кои рушејќи една традиција (еднопартиска), „градат“ нова, псeвдо-либерална. Воопшто, во Македонија, како да страдаме од недостаток на традиција, како да имаме кратко паметење и како да имаме некоја патолошка желба да рушиме. Тоа можеби е од некоја чудна позиција на срам од сопствената традиција. Ние не можеме да одржиме континуитет за нешто од избори до избори, а камо ли да негуваме традиција со години. Секоја „елита“ во овие години на плурализам има некоја патолошка желба да почне сè одново. Особено актуелнава! Имaте чувство дека светот почнал сега, од тука, од нас, од нив... како токму во овој миг да се раѓа историјата, а како сè претходно било само предисторија.  Како сè пред нас да не важи, како сета борба на нашите татковци и дедовци да била залудна, како сето литературно, музичко, научно наследство да било залудно - сега ние ќе го сотвориме одново. И поубаво, а и „постаро“... побарокно дури од барокот. Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

ИНВЕСТИЦИЈА ОД 720 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ГОРИВО НА ИДНИНАТА: ЕУ инвестиција, а две европски земји го земаат најголемиот дел од колачот

ИНВЕСТИЦИЈА ОД 720 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ГОРИВО НА ИДНИНАТА: ЕУ инвестиција, а две европски земји го земаат најголемиот дел од колачот

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК

Гаспром забележа нето загуба од 6,4 милијарди евра во 2023 година, прва во последните 14 години

Гаспром забележа нето загуба од 6,4 милијарди евра во 2023 година, прва во последните 14 години

НОВ СКОК НА ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА ВО АПРИЛ - најскапо месото

НОВ СКОК НА ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА ВО АПРИЛ - најскапо месото

ПАДНА СПОГОДБА - Џонсон и Џонсон ќе плати 6,475 милијарди долари по многубројните тужби за добиен рак од нивната пудра

ПАДНА СПОГОДБА - Џонсон и Џонсон ќе плати 6,475 милијарди долари по многубројните тужби за добиен рак од нивната пудра

„ПЛАТАТА НА КЕЛНЕРИТЕ ВО ХРВАТСКА 1.200 ЕВРА, ВО АВСТРИЈА 3.000 ЕВРА“: ќе работат само луѓе од трети земји

„ПЛАТАТА НА КЕЛНЕРИТЕ ВО ХРВАТСКА 1.200 ЕВРА, ВО АВСТРИЈА 3.000 ЕВРА“: ќе работат само луѓе од трети земји

„Да се напушти вештачкото надувување на капиталните инвестиции“: еве што велат економистите за изборните ветувања на партиите

„Да се напушти вештачкото надувување на капиталните инвестиции“: еве што велат економистите за изборните ветувања на партиите

ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ: Колку маслиново масло произведува Шпанија?

ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ: Колку маслиново масло произведува Шпанија?