Tри клучни фактори го „потонуваат“ македонскиот текстил, клиентите ни бегаат
Објавено во: Економија 14 Септември, 2023
Немање на работна сила, ниска продуктивност и високите трошоците на домашниот пазар се трите клучни фактори поради кои македонскиот текстил е во лоша состојба. Maријана Перковска од Текстилниот кластер објаснува дека странските клиенти веќе си соработуваат со текстилци од други држави, а како резултат на тоа кај нас се затвораат или допрва ќе се затвораат текстилни фирми.
Вели дека престанале со работа фирми во Кочани, Штип, Скопје. Објаснува дека секторот има многу проблеми, за кои тие зборуваат веќе 10 или 15 години, но нема системски решенија. Репроматеријалите не се проблем, но има многу други фактори кои го „кочат“ секторот. Перковска вели дека текстилната индустрија од водечка, западна во криза. Додава дека стануваат неконкурентни. Таа објаснува дека дури и во соседните земји, текстилниот сектор е во многу подобра позиција.
„Србија, Бугарија, Албанија се подобри од нас. Во Албанија текстилниот сектор користи многу повеќе привилегии од државата за разлика од нас. Тие на почетокот имаа проблем со искуството, но за година или две го постигнаа и клиентите одат кај нив, посебно Холанѓаните. Српскиот текстил добро функционира. Бугарите имаа проблем со работна сила, но го решија со увоз. Кај нас гледаме какво иселување има и кој ќе работи? Имаме наши фирми кои работат за домашен пазар, но тие се многу малку, тоа е мал импут за економијата. Мора да се преземат системски решенија. Текстилните фирми откако ќе престанат со работа, тоа е готово, завршена приказна и многу тешко се рестартираат“, вели Перковска.
Текстилните производи од Македонија завршуваа во Европа. Сепак, од текстилните компании велат дека европските клиенти наоѓаат поевтини пазари.
„Ние имаме проблем со работна сила, затоа што работничките се над 50 години, млади нема, а тие се „моторот“, тие се енергијата и ако ги немате, продуктивноста е ниска. Се покачи минималната плата и ако имаме продуктивност, повисоки плати нема да бидат проблем, но ние немаме продуктивност. Турските работници на пример имаат исти плати како македонските, а продуктивноста кај нив е поголема“, велат од текстилна компанија од Прилеп.
Инаку, текстилците велат дека и во африканските земји текстилниот сектор прави чекор напред и со автоматизација има шанси да напредува во следните години.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.