ТРИНАЕСЕТ ДИРЕКТОРИ ГО ИМААТ РЕЦЕПТОТ – како се прави профит од 62 милиони евра за еден квартал
Објавено во: Финансии 16 Мај, 2023
Како може да се оствари вкупен профит од 62 милиони евра за само еден квартал, тоа ќе ви го кажат македонските банкари. Тринаесет директори на 13-те домашни банки можат да се пофалат дека во првиот квартал од годинава оствариле вкупен профит од 61,6 милиони евра, покажуваат податоците на Народната банка.
Одличен резултат, ако се имаат предвид бројките на банките остварени во првото тримесечје од минатата година, во кое, македонските банки профитираа со вкупно 42,7 милиони евра. Тоа значи дека во првите три месеци од годинава банкарските чисти добивки се зголемени за 19 милиони евра, или за 44,4 проценти.
Секако, мора да се има предвид дека минатата година домашната економија беше погодена од една од најтешките кризи, а домашните компании тоа изгледа најмногу го почувствуваа во првиот квартал од годинава, па многу од нив регистрираа намалени добивки. Но, за домашните банки првиот квартал од годинава е повеќе од одличен, остварувајќи фантастичен финансиски резултат.
Веќе не е новина дека најголемиот профит убедливо го прави најголемата банкарска петорка, односно Комерцијална, Стопанска банка Скопје. НЛБ Банка, Шпаркасе и Халк Банка, кои во првиот квартал од годинава оствариле профит од 55,1 милиони евра, што е раст за 16 милиони евра во однос на првиот квартал лани.
Трите средни банки профитирале со близу 6 милиони евра, што за нив е многу добро бидејќи имаат раст на профитот за повеќе од 3 милиони евра, или практично двојно зголемување на профитот.
Додека, пак, кај малите банки, кои се пет на број и онака не се многу профитабилни, како вкупен податок, чистата добивка се намалила и таа изнесува 748 илјади евра, наспроти речиси еден милион евра вкупен профит во првото тримесечје од минатата година.
Главен извор на банкарските профити и годинава се нето приходите од камати, односно разликите од каматите по кои тие ги кредитираат, и оние по кои им ги чуваат заштедите на граѓаните. Тие во првиот квартал од годинава достигнале дури 93 милиони евра, што е раст за дури 28 милиони евра во однос на првото тримесечје лани. Очигледно дека банките не се воопшто погодени од зголемувањето на каматните стапки на централната банка, бидејќи најверојатно повеќе ги зголемуваат каматните стапки на кредитите, отколку на штедните влогови на граѓаните, па затоа и толку многу им растат нето приходите од камати.
Нето приходите од провизии и надоместоци се зголемиле за само два милиони евра, но и тие се помали како сума и изнесуваат нешто над 25 милиони евра, додека раст од два милиони евра има и кај нето приходите од курсни разлики, кои во првиот квартал од годинава биле на ниво од 8 милиони евра.
Пад на приходната страна има само кај останатите приходи од дејноста, и тоа за три милиони евра, со тоа што тие сега се на ниво од 6,5 милиони евра.
Кога станува збор за расходите, главната расходна ставка, односно резервациите, имаат зголемување за 4 милиони евра, кое не е значајно, и со тоа овој трошок во првиот квартал од годинава да изнесува 13,3 милиони евра.
Банкарите, иако ги бие глас дека имаат високи плати и менаџерски бонуси, во првиот квартал од годинава биле скромни, и за нецел еден милион евра ги зголемиоле трошоците за своите вработени. Можеби затоа одредени банкарски ешалони ќе ви кажат дека повеќе не е толку многу престижно да се работи во банка.
Трошоците за амортизација останале речиси исти, а кај останатите расходи од дејноста има зголемување за 4 милиони евра, и тие во првиот квартал од годинава се на ниво од 28 милиони евра.
Фактор неодамна објави дека за цела мината година профитот на сите 13 македонски банки изнесувал 157,3 милиони евра, што во однос на 148,8 милиони евра во цела 2021 година, значеше пораст за 8,5 милиони евра, или за 5,7 отсто, што не се сметаше за импозантен плус за еден, вака, во принцип солидно профитабилен сектор.
Н.Н.Ф.
Фото: Freepik
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.