Утре се организира Донаторска вечер за возобновување на Храмот „Свето Вознесение Христово“ во Владимирово
Објавено во: Мои пари 26 Ноември, 2014
Утре со почеток во 19:00 часот во ресторан Бела (на пат кон Марков Манастир), ќе се одржи ДОНАТОРСКА ВЕЧЕР во организација на Фондацијата Д-р Михаил Левенски.
Целта на Донаторската вечер е собирање средства за помош во возобновувањето на Храмот "Свето Вознесение Христово" во село Владимирово, а во оваа цел примарен е поттикот на средба, потсетување на основните вредности на постоењето и потребата за негување на човекољубие и верба, заедништво и сплотеност.
На донаторската вечер присутните ќе ќе можат да донираат парични средства согласно сопствените можности, но и да учествиваат во донацијата со купување на донирани книги и други производи. Ќе се продаваат книги од Др Михаил Левенски и други автори кои потекнуваат од Владимирово, како и компакт дискови од Горан Алачки и Даутовски. Покрај ова ќе се продаваат и производи со потекло од Владимирово, донирани од локалното население.
Присутните ќе имаат и единствена можност да видат артефакти останати од пожарот: Ореолите од иконите на Богородица и Исус Христос, дланката од иконата на Богородица, остатоци од изгорените кандила и други метални предмети кои единствено останаа да сведочат за огнената стихија која на 1ви 11ти, оваа година, го зафати Храмот Свето Вознесение Христово. Овие предмети ќе бидат изложени само за време на донаторската вечер, а потоа ќе бидат вратени како реликвии и сопственост на новиот Храм.
По пожарот остаанаа само металните делови од иконите и обгорени и извиткани метални предмети, но останаа и изгорените изгорените греди и столбови.
Присутните на донаторската вечер ќе имаат и единствена можност да купат дел од овие греди и столбови, од кои со цел собирање средства, но и споделување спомени и аманет, се веќе направени гравирани парчиња, како спомен од Храмот. Тоа се парчиња од опожарените дабови греди и столбови кои го крепеле Храмот граден од 1840 – 1846та. Староста на примероците се проценува над 200 години, со оглед на староста на Храмот – 170 години и староста на дабовите стебла од кои се оригиналнио изработувани гредите и столбовите.
На Донаторската вечер ќе се презентираат и фотографии од иконите кои веќе не постојат а направени се во 1845 – 1847, некои се донесени од Света Гора, насликани на дрво од непознат автор, а на некои се потпишани од македонски автори. Оригиналните фотографии се направени во 1984 и се чуваат во Националниот Конзерваторски Центар.
Ова ќе е воедно и првата можност каде нашиот еминентен, познат општественик и дипломат Благој Ханџиски, роден во Владимирово, ќе изнесе дел од фактите кои ги бележел во претходните 60 години - сведоштва и преприкажани сеќавања на локалното население за градењето Храмот и неговото значење за зачувување на верата, традицијата, надежта на генерации од Малешевијата и источна Македонија за кои овој Храм бил светилник.
На донаторската вечер ќе бидат присутни членови на Иницијативниот одбор за возобновување на Храмот Свето Вознесени Христово во село Владимирово, меѓу кои и Старешината на Храмот.
Во програмскиот дел ќе настапат Горан Алачки, Даутовски, Панче Алачки и хорот Света Злата Мегленска.
Донираните средства како и средствата од продажба на донираните предмети, ќе се внесуваат во наменски кутии, а имињата на донаторите и висината на донацијата ќе се евидентира во донаторски книги кои ќе се предадат на одговорни лица од Храмот "Свето Вознесение Христово".
Комплетните средства ќе се внесат на наменски отворената сметка која е веќе активна и на која сите кои не се во можност да дојдат на донаторската вечер може да уплатат средства согласно можностите.