Вештачкото ѓубриво станува луксуз! Досега поскапе 300 отсто, како ќе се прехраниме?
Објавено во: Економија 24 Март, 2022
Воената криза во Украина, се поочигледната поделба на континентот и санкциите за Русија од речиси сите европски земји го зема данокот. Поскапи горива, екстремно поскап природен гас од Русија, поскапа струја, зејтин од сончоглед нема ни за лек, а брашното и пченката со прехранбена конзумација имаат се повисоки цени.
Земјоделците се пред големи искушенија кај нас, во целиот регион, а и во цела Европа. Сите влади имаат судни маки да прават акробатски „скаламуции“ за да обезбедат некакви стимулации за земјоделците да продолжат да ги хранат своите нации.
Во Македонија земјоделското производство особено она на житарици станува тешко подносливо за земјоделците. Вештачките ѓубрива последнава сезона предизвикани од галопирачките цени на плинот (природниот гас) во нашата малопродажна мрежа поскапеа до 300 отсто. Ако една вреќа ѓубриво уреа се продавала за 600 денари на последната есенска сеидба достигна цена од 1.500 денари. Паралелно со тоа постојано расте и цената на нафтата која е неопходна на земјоделците. Пред претстојната пролетна сеидба во која во Македонија се сее само оризот од житните култури вештачкото ѓубриво сега се продава по цена од 30 евра за вреќа, а лани пред сеидбата беше околу 500 денари.
Состојбата со производство на храна во Македонија веќе станува сложена со особено силно негативно влијание на увозната компонента. А што значи тоа?
Па дека увезуваме готова храна, но и расаден и семенски материјал и најважното вештачко ѓубриво затоа што велешки ХИВ или народски именуваната азотара одамна е само споменик на едно минато и просперитетно време во кое наша Македонија имаше заокружен земјоделски циклус во кој произведуваше се освен трактори.
Министерот за земјоделство Љупчо НИколовски соопшти на 4 март дека е договорено преку планираната Програма за интервентен фонд, да се обезбеди финансиска поддршка за производителите на житни култури односно за надополнување на разликата на цените за ѓубриво и на останатите репроматеријали а се со цел да се анулираат зголемените трошоци за ѓубрива, за земјоделците да имаат рентабилно производство во овие услови на зголемени цени на репроматеријалите.
За оваа намена преку интервентниот фонд кој за прв пат се воведува оваа година, се планирани околу 120 милиони денари ќе бидат наменети за субвенционирање на трошоците за ѓубрива. Конкретно, според анализите поради регистрираниот пораст на цените на вештачките ѓубрива планирана е поддршкаод 2.500 денари по хектар за направен трошок за набавени вештачки ѓубриња и тоа во количина најмалку од 200 килограми по хектар.
Што не очекува?
Ништо добро. Но колку е лошо тоа што допрва доаѓа кај нас пред се ќе зависи од состојбата на српскиот пазар и од политичката волја на тамошниот естаблишмент (кој ќе се бира за неполни две недели н.з.). Затоа што Србија е најголем извозник на жито, пченка, сточна храна, вештачко ѓубриво, зејтин и свинско месо во Македонија. А најголеми фактори за цените на житариците, вештачкото ѓубриво и горивото се Русија и Украина.
Русија е под целосни санкции од богатата Европа на кои „силом прилика“ се приклучивме и ние.
Нарушен е балансот на глобалното снабдување со житарици, плин и вештачко ѓубриво. Затоа што во голема мера тие суровини и репроматеријали доаѓаат од Украина и пред се од Русија. Ова ги принудува фармерите во многу региони во светот да бираат меѓу два лоши избори: да ги намалат засеаните површини или да ѓубрат помалку со што ќе имаат послаб род на претходно планираните површини. Што и да изберат повеќе од сигурно е дека идната сезона ќе има помалку род односно помалку храна од тоа што го имало досега. Токму затоа „новото нормално“ прво ќе ги удри сиромашните во сите држави, а пред се државите во развој.
Поради западната блокада на Русија и Белорусија овој дел од светот на кој припаѓаме и ние ќе се откаже од нивното вештачко ѓубриво за кое е прашање дали ќе може да го замени. Затоа што Русија и Белорусија покриваат 40 проценти од целиот извоз на калциум карбонат на светско ниво што е една од трите клучни состојки на вештачкото ѓубриво. Понатаму Русија држи над 20 отсто од целиот светски извоз на амоњак и уште околу 15 отсто од целиот извоз на уреа и уште толку од глобалниот извоз на фосфати.
Да биде проблемот поголем Русија и Украина заедно покриваат над 30 отсто од светскиот извоз на пченица и најмалку 20 отсто од глобалната трговија со пченка. А веќе е во целосен прекин испораката на овие типови храна преку Црното Море.
Токму од овие причини Максимо Торето, главниот економист на ФАО организацијата за храна и земјоделство на ООН неодамна изјави: Ако немаме решение за новонастанатиот проблем со вештачко ѓубриво и запре неговата трговија на глобално ниво идната година ќе не дочека проблем во снабдувањето со храна каков што не сме имале досега во мирнодопски услови.
Р.Ф.