Добивај вести на Viber
Радикалната организација Исламска држава на Ирак и Левант (ИСИЛ) објави дека создава калифат на освоените територии во Ирак и Сирија и во иднина наместо „Исламска држава на Ирак и Левант“ се преименува само во „Исламска држава“.
Во соопштението се наведува дека ова значи „влез во нова ера на меѓународниот џихад“ и се повикуваат Ал Каеда и другите екстремни сунитски организации во регионот да ја бранат новоформираната Исламска држава.
Според портпаролот на ИСИЛ Абу Мохамед ал-Аднани, декларацијата за обновување на калифатот била донесена по состанокот на Советот на радикалната група, на првиот ден од Светиот месец Рамазан.
Во последните недели, ИСИЛ освои големи територии од западен и северен Ирак, а во последните две години држи територии и во Сирија, наметнувајќи го строгото шеријатско право и убивајќи голем број од спротивставените шиити.
Аднани вели дека сите џихадистички организации сега мора да му дадат поддршка на лидерот на ИСИЛ Абу Бакр ал-Багдади, кој е прогласен за калиф на новата држава.
Според Чарли Купер, истражувач во Килијам институтот за борба против тероризам, токму овој факт е особено контроверзен.
„Немало иманеување на калиф од Отоманската Имеперија, освен во муслиманската секта Ахмадија, и калиф се назначува како единствен легитимен наследник на пророкот Мухамед“, објаснува тој. „Фактот што ИСИЛ му ја дава оваа титула има огромно идеолошко и теолошко влијание и претставува голем предизвик за Ал Каеда“.
Според Купер, ИСИЛ се исклучително софистицирани во употребата на социјалните медиуми, а 15 минути пред да прогласат калифат објавиле пропагандно видео во кое се навестува ваквата одлука, така што еден чилеански борец во редовите на ИСИЛ го нарекува Багдади негов „калиф“.
„Се што прави ИСИЛ е многу тактично и исклучително добро испланирано. Ќе имаше многу критика од луѓе кои ќе кажеа дека обновата на калифатот е прерана, но во последните години ИСИЛ многу се разви и сега има своевиден култ кон личноста на Багдади на арапските социјални мрежи. Тој е многу популарна фигура и ова може да ги натера луѓето од Ал Каеда и другите групи да се запрашаат дали навистина треба да се борат за него“, вели Купер.
http://www.youtube.com/watch?v=cBt1acIQUQM