Добивај вести на Viber
Уште пред Тим Кук минатиот вторник да ги најави двата нови модели на Ајфон 6, пред некои продавници на Епл се појавија првите љубители на овој телефон и ги зазедоа местата за чекање за да бидат меѓу првите купувачи. Како што се доближуваше продажбата, бројот на луѓе во редиците се зголемуваше, па кога продавницата на Епл во Сиднеј утрово ги отвори своите врати, во редот долг дури пет улици стоеја над 1.400 луѓе.
Продажбата на новиот Ајфон денеска почнува во осум земји, а заради временската разлика, фановите на Епл од Австралија, Хонг Конг и Јапонија веќе ги купија најновите мобилни уреди. Официјално први сопственици на новите Ајфони се технолошкиот блогер Дејвид Рахими и неговата девојка Јасмин Јуан - тие долетале од Сан Франциско во Сиднеј за да ги земат своите нарачани мобилни телефони и со тоа ги престигнале четворицата Австралијанци кои чекале во редица пред продавницата цели десет дена.
Пред продавницата на Епл во Перт, новинарка на излезот го пречека младиот Џек, кој цела ноќ поминал во ред за да биде прв купувач на Ајфон 6 во овој град. Тој во преносот во живо сакал да се пофали со својот нов телефон, но имал проблем да го извади од кутијата. Кога конечно успеал, новиот и долгоочекуван Ајфон му паднал на земја. Иако се избламирал на пренос во живо, Џек сепак е среќен затоа што неговиот Ајфон го „преживеа“ падот и остана неоштетен.
http://www.youtube.com/watch?v=YbehPQfu3K0
Почетокот на продажбата на новиот Ајфон пред некои продавници во Австралија беше прилично хаотичен, па покрај огрмните гужви, пред една од продавниците дошло и до голема турканица меѓу нестрпливите купувачи, па мораше да интервенира полиција.
http://www.youtube.com/watch?v=ZEcoVCsK784
Се очекува новиде модели на Ајфон да ги соборат сите рекорди за продажба. Само во еден ден веќе се нарачани четири милиони примероци од овој уред, а Епл од своите производители на компоненти веќе нарачал делови за меѓу 70 и 80 милиони вакви телефони. Претставувајќи ги новите модели, Кук најави дека до крајот на годината Ајфон 6 ќе може да се купи во 115 земји во светот.