(ВИДЕО) Средношколци „Низ шега до вистината“ – На една страна аргументи на друга силата!
Објавено во: Македонија 01 Април, 2015
Поучени од искуството на студентите на кои Студентскиот парламент им приреди слично сценарио на таканаречен социјален дијалог со надлежните, средношколците не го прифатија вчерашниот договор на МОН со Унијата на средношколци (која за нив е тело со неактивен статус од 2013 година ) за укинување на математиката како задолжителен предмет од државна матура па, гимназијалците денес решителни излегоа на вториот голем протестен марш.
Собирно место им беше Собранието, каде дојдоа илјадници средношколци од повеќе скопски гимназии и се упатија кон Влада па се до Министерството за образование.
Со маски на лице (нели 1 април е денеска), свирчиња во уста, транспаренти во раце гордо и исправено чекореа кажувајќи ги на цел глас аргументите зошто не сакаат математика да биде задолжителна за сите и упатија последна опомена до министерот Адеми да ги повлече новите Законски измени онака како што бара Средношколскиот пленум а не Унијата на средношколци.
Освен укинување на математиката како задолжителен предмет на матурата, средношколците бараат укинување на екстерното тестирање, враќање на стариот концепт за полагање државна матура, и отфрлување на електронското тестирање.
И додека тие протестираат МОН се обидува да покаже сила .
Средношколсиот пленум децидно се изјаснува дека се оградува од одлуката на МОН, нејзините барања и следствено, од донесеното решение на состанокот со МОН. Велат дека нема да подлегнат на никакви притисоци и ниски манипулации и ќе продолжат со борбата за подобро образование. „
Бевме целосно изигнорирани, и од зад грб ни донесоа одлука со која не се сложуваме. Навидум „компримисот“ подразбира само намалување на бројот на средношколци кои би страдале од непромислениот и полн со грешки, нов концепт на државна матура.
Сценарио веќе видено. Насилно сакаат да го протуркаат таканаречениот дијалог правејќи им притисок на оние „купените“ мамини мази кои не смеат гласче да кренат“ велат средношколците.
Но, се додека имаат поддршка од средношколците ширум земјава не се предаваат и ќе водат битка за подобро образование. .
Доказ за тоа е солидарноста која кумановци денес после протестот во нивниот град се упатија во Скопје заедно да маршираат со соучениците.
Ако општеството има потреба од стручни кадри од областа на техничките и математичките науки, според нив треба да се бараат други начини како да се доближи материјата од овие дисциплини до нив и да ги заинтригира со убавината на разбирањето на математичките закони кои водат кон разбирање на светот во кој живееме. [embed width="700" height="450" ]https://youtu.be/oAJDd1UnFHw[/embed] Видеото е преземено од Фејсбук.