Добивај вести на Viber
Мешани реакции во Шкотска по референдумот за независност кој заврши со одлука земјата да остане дел од Велика Британија. Шок и невереување кај приврзаниците на независноста, додека радост и олеснување кај оние кои посакуваа и натаму да се дел од заедничката унија.
http://www.youtube.com/watch?v=ERKzeF1gW7E
Лидерите на трите најголеми британски партии - конзервативците, лабуристите и либерал-демократите, шокирани од константниот пораст на приврзаници на независноста, само неколку недели пред референдумот ветија дека Шкотска ќе добие поголема автономија доколку остане во Обединетото Кралство.
„Шкотска очекува овие ветувања брзо да се исполнат“, рече шкотскиот премиер и лидер на движењето за независност Алекс Салмонд по објавата на резултатите.
Британскиот премиер Дејви Камерон веќе најави дека нацртот на нов закон со кој Шкотска ќе добие поголеми овластувања ќе биде објавен во јануари и порача дека резултатот од референдумот отвора пат кон врамнотежено уставно решение за цела Велика Британија, вклучително и за Англија.
„Како што Шкотска ќе гласа одвоено во шкотскиот Парламент за своите даноци и потрошувачка, така и Англија, Велс и Северна Ирска ќе можат да гласаат за тие прашања на своја територија. И се тоа ќе мора да се спроведе со Шкотска во исто време“, рече Камерон.
Тој на Шкотска и вети поголеми овластувања во даночната политика и потрошувачката, а тоа го потврдија и лидерите на двете други водечки политички партии во земјата.
Агендата треба да изгледа вака:
Еден ден после референдумот - Главните партии во Вестминстер најавија дека веќе од денеска ќе започнат да го планираат пренесувањето на овластувањата на Шкотска во сферата на финансиите, даноците и социјалната политика.
Крај на октомври - Лондон ќе го објави т.н. "command paper", официјален документ со првиот нацрт на предлогот за кој потоа во Шкотска ќе се води јавна расправа.
Крај на ноември - Лондон ќе ги објави конечните предлози.
25 јануари 2015 година - Нацрт законот за пренесување на овластувањата ќе биде објавен на Ноќта на Бурнс, денот кога Шкотска го одбележува роденденот на својот национален поет Роберт Бурнс.
7 мај 2015 година - Избори за британски Парламент. Второто читање на законот за Шкотска треба да биде на редовен дневен ред веднаш по формирањето на новата британска Влада.
5 мај 2016 година - Избори за шкотски Парламент
2017 - Доколку повторно победи на изборите, Дејвид Камерон најави референдум за останувањето на Велика Британија во Европската унија. Ако Британците изгласаат напуштање на Унијата, тоа одново би можело да ги поттикне националистичка кампања во Шкотска, која е повеќе европски ориентирана од остатокот на државата.