07 Август, 2020
0.0178

ВКРСТЕНО ЗА ТРИ ЖЕШКИ ТЕМИ: Битиќи VS Лазаров - за мерките, за платите, за банките

Објавено во: Економија, Колумни 14 Мај, 2020

Фатмир Битиќи е претседател на Комисијата за финансии на СДСМ, а Дарко Лазаров е професор на Економскиот факултет во Штип и дел од економскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ. Двајцата учествуваат во креирањето на економските политики на двете најголеми ривалски партии. Ги вкрстивме да одговараат на исти прашања поврзани со економските мерки за ублажување на последиците од кризата, за платите на јавната администрација и за однесувањето на банкарите во ова време. 

Зошто се или зошто не се добри досегашните економски мерки за ублажување последиците од здравствената криза?

Битиќи

Имајки предвид дека мерките се донесоа кога пред себе имавме големи непознаници, (немавме ниеден точен податок за влијанието од пандемијата), од сегашна перспектива морам да заклучам дека мерките се:

-  навремени

-  сеопфатни, никој не е изоставен

-  точно димензионирани

Во моментот на носење на мерките димензиониравме процентуално колку ќе биде ударот врз економијата, и сега, кога веќе ги имаме првите реализации на мерките, ги согледувам резултатите и речиси да се истите со тие кои што побарале помош од страна на државата. По основ на една од мерките, финансиска помош од 14.500 денари за исплата на плати за април, имаме 23.000 субјекти кои што побарале помош или од активните  компании кои што поднеле завршна сметка во 2019, тоа се 45 отсто од компаниите, тоа укажува дека - ударот е таму, но и дека мерките се тука за да го ублажат ударот, особено од апсект на притисокот кој што работодавачите го имаат кон ликвидноста и плаќањето на своите работници и задржувањето на работните места. Второ битно е дека секој нов сет на мерки кој што се носи е конзистентен во долгорочните политики и цели кои би требале да се реализираат за справување со економскиот ефект од кризата. И мислам дека само конзистентноста и компатибилноста на мерките е одлика на успехот на справување со оваа криза. А тоа се покажува со фактот дека во двата месеци март и април имаме:

- мал број на загубени работни места и

- умерено намалување на приходите заради намалена економска активност.

Ни останува новиот сет на мерки да продолжи по истиот зададен пат, а тоа е да осигура дека ударот врз економија биде колку може помал (изгубени работни места и економски пад), а од друга страна да се отворат нови можности за нов почеток - појаки и посилни кон модернизирање на македонската економија и зголемување на нашата конкурентност на регионалниот и глобалниот пазар.

Лазаров

Мерките што досега беа донесени за справување со економската криза се задоцнети и недоволни. Всушност, мерките не предвидуваат никаква поддршка за месец март кога практично започна кризата и кога беа почувствувани првичните негативни ефекти во најпогодените услужни сектори како што се угостителството, туризмот, трговијатаи транспортот. На тој начин, компаниите и вработените во тие сектори беа оставени сами да се справуваат со кризата без никаква владина поддршка што предизвика значително нарушување на ликвидноста на голем број компании кои беа приморани во овој период да отпуштат дел од своите вработени. Дополнително, констатацијата дека мерките се недоволни може да се потврди со фактот што нашата земја досега има најмал износ на издвоени буџетски средства за справување со последиците од кризата споредено со земјите од регионот, но и тие средства што се планирани преку мерките се во форма на позајмици и кредити, а не во форма на грантови како неповратна поддршка за погодените компании и вработени од кризата.

Не помалку важно е тоа што процесот на носење на мерките беше прилично конфузен и неинклузивен. Имено, додека владините претставници постојано ја убедуваа јавноста дека првичните мерки се добро дефинирани и таргетирани, истовремено бевме сведоци како истите тие мерки постојано се менуваа и надополнуваа од страна на Владата како резултат на притисокот од јавноста, опозицијата и засегнатите страни.

Поради сето ова, најголем дел од компаниите се незадоволни од досегашните мерки и очекуваат дека државата треба час поскоро да донесе нов сет на мерки. Всушност, тоа што компаниите аплицираат за досегашните мерки не значи дека истите се доволни, напротив таквиот интерес е повеќе резултат на немање никаква друга алтернатива за спас во вакви исклучително неповолни услови.

Дополнително, она што е позагрижувачки е фактот што Владата до сега нема никаков план, ниту стратегија како ќе се справи со кризата во наредниот период имајќи во предвид дека истата ќе се продлабочува во останатите сектори од економијата, особено во преработувачката индустрија и извозниот сектор каде веќе се евидентни сериозни негативни тенденции.


Треба ли да е намалат платите на вработените во јавниот сектор?

Битиќи

Ставот на СДСМ е јасен од самиот старт, дека солидарноста, социјалната еднаквост и праведност, кои се столб на нашите политики, се патот низ оваа криза. Затоа и предложивме, во духот на солидарноста - сите подеднакво да го понесат товарот и да има намалување на платите на функционерите, што и се случи, но и генерално во јавниот сектор.

Без разлика дали сега ќе има одлука за намалување на плати или не - Секој на свој начин треба да биде солидарен!

Се грижиме за сите, за секое работно место, секој работник како и за економски ранливите граѓани. И јас се радувам и верувам дека овие гореспоменати вредности и дискусијата за нив е добра за целото општество.

Оваа пред се здравствена криза, во која здравјето на граѓаните е приоритет, со сериозни глобални економски импликации, претставува предизвик и ги стави на тест сите држави и економии во светот, но на тест ја стави и солидарноста.

Лазаров

Евентуалното намалување на платите во јавниот сектор треба да биде последна алтернатива во процесот на консолидирање на јавните финансии. Најпрво треба да се направи целосно рационалнизирање на непродуктивните јавни расходи преку итен ребаланс на буџетот, па дополнително доколку се покаже дека фискалните импликации од кризата се толку силни за да мора да се прибегне кон една таква мерка, тоа треба да биде внимателно направено во насока на заштита на оние вработените во јавниот сектор кои имаат ниски плати и оние вработени кои целосно и најодговорно ги извршуваат своите работни задачи и во периодот на кризата.

Предлогот кој беше даден од владеачката партија за намалување на платите во јавниот сектор на ниво на минимална плата од 14.500 денари е целосно погрешен. Прво, затоа што еден таков тип на “урамниловка” ќе создаде незадоволство кај една категорија на вработени во јавниот сектор кои и покрај кризата редовно ги исполнуваат своите работни задачи. На пример, сериозно треба да се размисли за било какво намалување на платите во образовниот сектор со оглед на фактот што наставниците и професорите во овој период прават дополнителни напори за нормално спроведување на образовниот процес преку користење на различни електронски платформи. Дури кај некои категории како што се здравствените работници кои го понесоа товарот од кризата и беа најизложени во овој период, државата треба сериозно да размисли како да ги награди за нивната посветеност и професионалност во справување со сите предизвици во вакви околности. Второ, таквото драстично кратење на платите во јавниот сектор ќе влијае негативно врз економијата преку дополнителна контракција, на и така намалената домашната потрошувачка.



Дали навистина банките им помогнаа на граѓаните и на фирмите во кризата?

Битиќи

Банките го направија тоа што речиси сите банки насекаде во светот каде што има проширеност на пандемијата го направија. Ги одложија плаќањата на кредитите за тие корсиници кои што сметаа дека се погодени од кризата и имаат потреба од одложување и директно олеснување на  нивната ликвидност. Не треба да се занемари фактот дека централната банка за време на кризата два пати ја намали референтната каматна стапка, која од 2 отсто, веќе денеска е на ниво од 1,5 проценти, и ова е показател дека финансискиот сектор директно треба да се вклучи во ублажување и справување со ефектите на кризата од економкски аспект, а особено потребно во фазата на заживување на екномијата.

Не смее да се занемари и улогата и придонесот на Развојната банка, која излезе со нови продукти на пазарот на финансирање на стопанството. Преку бескаматните кредитни линии „КОВИД 1“ и „КОВИД 2“ директна финансиска поддршка за помош на ликвидноста добија 738 мали, микро и средни компании кои вработуват 6.524 лица. По структура од вкупно 738 одобрените барања:

-  373 се од угостителската дејност

-  320 се од транспортната дејност

-  43 се од туристичката дејност

Вчера, 13 мај, беше последниот ден за аплицирање за втората линија бескаматни кредити „КОВИД 2“ во вредност од 8 милиони евра. Развојната Банка ќе продолжи со нови продукти, со што директно ќе им се помогне на фирмите во полесно справување со последиците, како и во приодот на заживување на економијата. 

Лазаров

Во изминатиот период се отвори сериозна дебата за улогата на банките во периодот на кризата. Дел од барањата на јавноста беа во насока дека банките треба да се солидаризираат со граѓаните и фирмите поради кризата, што до некаде беше направено од нивна страна со понудата за одложување на исплатите на редовните ануитети во период од шест месеци за оние граѓани кои имаат потреба од тоа. Според податоците на Македонската Банкарската Асоцијација дури 70 отсто од физичките лица прифатиле пролонигирање на роковите за исплата на кредитите, додека сериозни олеснувања се направени и за компаниите со цел истите да можат полесно да се справат со кризата. Се разбира, за ваквата одлука на банките главен предуслов беа регулаторните измени што Народната Банка на Македонија претходни ги направи со цел обезбедување на поголема флексибилност за комерцијалните банки во процесот на олеснувања на кредитните услови кон граѓаните и фирмите.

Претходно, Народната Банка ја намали основната каматна стапка со што ја олесни монетарната политики и создаде можност и простор за намалување на пазарните каматни стапки.  Но, она што треба да им се забележи на банките е тоа што не ги намалија каматните стапки за периодот на одложувањето на плаќањето на кредитите и покрај тоа што постои реална можност за поголема солидарност од нивна страна имајќи го во предвид фактот што банкарскиот сектор е исклучително профитабилен во изминатиот период.


Можеби ќе ве интересира

Туристичките работници испорачаа ултиматум до Филипче

Туристичките работници испорачаа ултиматум до Филипче

ТРОШОЦИ ЗА ЖИВОТ: Поевтинил зеленчукот, а поскапел лебот, цигарите, сувото овошје

ТРОШОЦИ ЗА ЖИВОТ: Поевтинил зеленчукот, а поскапел лебот, цигарите, сувото овошје

Поради „златната треска“ цената на златото ќе стигне до 3.000 долари

Поради „златната треска“ цената на златото ќе стигне до 3.000 долари

33.265 ДЕНАРИ: Toлку чини синдикалната минимална кошница

33.265 ДЕНАРИ: Toлку чини синдикалната минимална кошница

ДЕНЕСКА Е ПОСЛЕДЕН РОК ЗА ЕРБАП ГАЗДИТЕ - ќе има ли затвор ако нема плата

ДЕНЕСКА Е ПОСЛЕДЕН РОК ЗА ЕРБАП ГАЗДИТЕ - ќе има ли затвор ако нема плата

НОВ РЕКОРД: Скокна цената на златото

НОВ РЕКОРД: Скокна цената на златото

Зошто „паѓа“ доларот?

Зошто „паѓа“ доларот?

Кој плати 1,8 милиони евра за 21 отсто од акциите во „Скопски пазар“?

Кој плати 1,8 милиони евра за 21 отсто од акциите во „Скопски пазар“?

ИутеКредит и Нептун со ново иновативно решение за онлајн шопинг

ИутеКредит и Нептун со ново иновативно решение за онлајн шопинг