Владата се согласила да им плати на банките за администрирањето на унгарскиот кредит од 250 милиони евра
Објавено во: Економија 01 Ноември, 2024
Владата попуштила целосно во преговорите со деловните банки, кои ќе го администрираат кон бизнисот делот од унгарскиот кредит од 250 милиони евра, и целосно со буџетски средства ќе ги исплати нивните услуги.
Само под овој услов комерцијалните банки во државата прифатиле да ги одобруваат кредитите кон деловниот сектор по каматна стапка од 3,25 отсто, колку што е каматата за отплата на државата кон унгарскиот кредитор. Тоа практично значи дека ризикот што го преземаат деловните банки ќе биде „субвенциониран“ од страна на Владата.
- Разговорите со банките ги започнавме од месец август. Пред две недели го постигнавме договорот во насока на дефинирање на каматната стапка и нејзиното субвенционирање од страна на државата како што било во минатото. Од 2011 навака има многу кредитни линии кои се поминати преку Министерството за финансии, дадени на приватниот сектор. Субвенционирањето било направено од страна на државата. Ние пробавме да направиме обид да го поделиме со банките тој трошок. Тие сметаат дека го преземаат ризикот и тоа е така. И за сметка на тоа може да се појави некој ризичен кредит. Инсистираа каматата да ја покриеме комплетно ние и на крајот се согласивме, рече Димитриеска Кочоска, рече денеска министерката.
Министерката додаде дека нерешено прашање во преговорите со деловните банки кои ќе го администрираат унгарскиот кредит од 250 милиони евра е тоа што нивниот најголем рок на отплата е 10 години, додека владата бара тој да биде 15 години со три години грејс период.