Во оваа земја имало 48 егзекуции годинава
Објавено во: Свет 26 Април, 2018
Во изминативе четири месеци Саудиска Арабија егзекутирала 48 лица, аполовина од нив за ненасилни обвиненија поврзани со дрога, изјави Хјуман рајтс воч (ХРВ).
Групата со седиште во САД го повика кралството да го подобри како што го нарече „озлогласениот неправеден кривично-правен систем“.
Експертите за човекови права во неколку наврати изразија загриженост за правичноста на судските процеси во кралството, регулирани со строга форма на исламскиот закон. Владата вели дека смртната казна е превенција од понатамошно кривично дело.
„Лошо е и само тоа што Саудиска Арабија егзекутира толку многу луѓе, меѓутоа многумина од нив не извршиле насилен криминал. Секој план за намалување на егзекуциите поради дрога треба да вклучи подобрувања во правниот систем кој не обезбедува фер судења“- вели Сара Лиа Витсон, директорка на ХРВ на Блискиот Исток.
ХРВ рече дека Саудиска Арабија извршила скоро 600 егзекуции од почетокот на 2014 година, повеќе од третина од нив во случаи поврзани со дрога. Речиси 150 лица биле убиени минатата година во кралството, а осудените лица биле обезглавени со меч, пренесе Гардијан.
Саудиска Арабија ја има една од највисоките стапки на егзекуции во светот: осомничени обвинети за тероризам, убиство, силување, вооружен грабеж и трговија со дрога се соочуваат со смртна казна.