ВОДОВОД И ЕВН СИ ГИ БАРААТ СВОИТЕ ПАРИ ОД ЕУРОСТАНДАРД - формиран Одборот на доверители на банката во стечај
Објавено во: Финансии 18 Септември, 2020
Далеку од очите на јавноста, стечјниот управник Душко Тодевски, работи на стечајната постапка на Еуростандард банка.
Вчера бил основан Одборот на доверители на Еуростандард банка, а во него, покрај Фондот за осигурување на депозити, кој ќе побарува голема сума пари од стечајната маса, влегоа и ЕВН Македонија, како и Јавното претпројатие Водовод и канализација.
„Со Решение I СТ-123/20 од 27.08.2020 година на Основен граѓански суд Скопје, се основа Одбор на доверители на стечајниот должник Еуростандард банка АД Скопје - во стечај, во состав од:Фонд за осигурување на депозити, ЕВН Македонија и ЈП Водовод и Канализација“, стои во објавата за Еуростандард банка во стечај во Централниот регистар.
Како што е познато, Фондот за осигурување на депозити сигурно е еден од најголемите доверители на Еуростандард банка. Ова од причина што преку Фондот ќе се исплатат дури 68,2 милиони евра, односно преку четирите банки преку кои се врши обештетувањето на штедачите. Но, како и сите други доверители, и Фондот ќе си ги побарува овие пари од стечајната маса, односно и тој ќе ја дели судбината на другите доверители, така што сите ќе земат по одреден процент од стечајната маса, зависно од тоа како ќе се наплатуваат побарувањата или ќе се продава имот на Еуростандард, од кои ќе стигнуваат средства кои потоа ќе им се исплатуваат на доверителите.
А со формирањето на Одборот на доверители, сега се дознава и дека Еуростандард банка должела и за струја, и за вода, штом ЕВН и Водовод влегуваат во него.
Што е всушност задачата на Одборот на доверители, Фактор издвојува од законските прописи, односно од Законот за стечај.
Одборот на доверители е орган на доверителите, кој во стечајна постапка се основа заради заштита на интересите на доверителите и ги извршува процесните дејствија кои согласно со овој закон е надлежен да ги извршува за сметка на сите доверители кои се странки во постапката.
За член на одборот на доверители може да биде избран секој доверител кој согласно со членот 87 од овој закон го пријавил своето побарување и за кое стечајниот управник утврдил дека е основано.
Во одборот на доверители не може да биде именуван, односно избран доверител кој истовремено е и должник на стечајниот должник, со тоа што неговите обврски спрема стечајниот должник да надминуваат 1 отсто од проценетата вредност на имотот кој влегува во стечајната маса; или последните две години пред отворањето на стечајната постапка бил именуван за член на органите на управување или на органот за надзор или прокурист на стечајниот должник.
Предлогот за именување на членови на одбор на доверители, стечајниот управник го доставува во писмена форма до стечајниот судија во рок од три дена по истекот на рокот за пријавување на побарувањата на доверителите. Предлогот мора да биде образложен со тоа што стечајниот управник треба да ги наведе и причините поради кои се предлагаат доверителите за членови на одборот на доверители.
Стечајниот судија, врз основа на предлогот на стечајниот управник, во рок од три дена од денот на поднесувањето на предлогот носи решение со кое го основа одборот на доверители, со тоа што го определува бројот и ги именува членовите. Решението се доставува до именуваните членови на одборот на доверители и до Централниот регистар. Против ова решение не е дозволена жалба.
На предлог на одборот на доверители стечајниот судија во одборот може да именува и лице кое со оглед на неговото стручно знаење може да придонесе во работата на одборот, без право на глас при донесување на одлуките.
Бројот на членови на одборот на доверители, кој го именува стечајниот судија, мора да биде непарен и не може да биде помал од три ниту поголем од пет.
Одборот на доверители
одлуките ги донесува со мнозинство гласови од вкупниот број на членовите со право
на глас. Секој член на одбор на доверители има право на глас и гласа „за“ или
„против“ предложената одлука за која согласно со овој закон одлука носи одборот
на доверители. Членовите на одборот не можат да се воздржат од гласање.
Одборот на доверители е
должен да ги врши работите за кои е овластен со овој закон, а особено да го
следи текот на работењето и да го контролира износот на готовината.
Во рамките на својот делокруг одборот на доверители особено ги разгледува извештаите на стечајниот управник за текот на стечајната постапка и за состојбата на стечајната маса; ги прегледува трговските книги и целокупната документација што ја презел стечајниот управник; може да поднесе приговор до стечајниот судија за работата на стечајниот управник; му предлага на стечајниот судија начин на впаричување на имотот на должникот; му предлага на стечајниот судија дали треба да продолжат започнатите работи, односно работата на стечајниот должник и дава мислење на стечајниот судија за признавање на оправданите кусоци во инвентарот.
Одборот на доверители е должен, на барање на собранието на доверители, да ги известува доверителите за текот на стечајната постапка и за состојбата на стечајната маса.
Инаку, за Еуростандард банка е закажано рочиште за испитување и утврдување на пријавените побарувања и извештајно собрание на доверители на осми октомври годинава, во 13 часот.
Како што е познато, обештетувањето на штедачите на Еуростандард почна во вторникот, а според информациите на Фактор, се одвиваше добро, освен проблемите со полномоштвата и барањето на банките тоа да мора да се извади за нивната банка. Само за еден ден, една банка исплатила два милиони евра како обештетување на штедачите.
Голем дел од штедачите, пак, своите пари кои ги зеле од обештетувањето, повторно ги вложиле во некоја од четирите банки преку кои си ги подигаа своите пари.
Нина Нинеска-Фиданоска* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.