Вонредна инспекција на новогодишни пакетчиња, не можел да се види рокот на траење на производите
Објавено во: Македонија 24 Декември, 2024
Агенцијата за храна и ветеринарство спроведе 62 вонредни контроли за безбедноста на новогодишните пакетчиња, при што е констатирано дека кај голем дел од нив не биле означени роковите на употреба на производите.
„Инспектори од Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), минатата недела спроведоа вонредни надзори во магацини за пакување на новогодишни пакетчиња, маркети и продавници кои вршат промет со новогодишни пакетчиња. Во рамки на спроведените 62 контроли, утврдено е несоодветно означување на пакетчиња кај 4 оператори. Кај 3 вида на пакетчиња, констатирано е дека на збирното пакување нема наведено рок на траење, односно датум на минимална трајност на производите кои ги содржи новогодишното пакетче, поради што наредено е повлекување на истите од промет“, извести АХВ.
Од преглед на содржината на 62 новогодишни пакетчиња, кај 2 пакетчиња најдени се производи со изминат рок, како и со краток рок на траење до 12.2024 година.
„Констатирани се и органолептички промени на производите во збирните пакувања кои се со уреден рок на траење.
На операторите кај кои се утврдени неусогласености, наредено им е повлекување на пакетчињата од промет и нивно уништување. За констатираните неправилности, издадени се решенија за отстранување на неусогласеностите, а изречени се и соодветни прекршочни пријави“, информира Агенцијата.