КОЛКАВИ ЌЕ БИДАТ ПЛАТИТЕ НА ФУНКЦИОНЕРИТЕ СЛЕДНАТА ГОДИНА?! – коефициентите се намалуваат, еве ги деталите
Објавено во: Економија 24 Декември, 2024 08:43
Најавуваните промени со кои ќе се спречи нов раст на функционерските плати пред собраниските пратеници. Измените на Законот за плата и други надоместоци на избрани и на именувани лица се доставени во Собранието, и се бара намалување на коефициентите за пресметка на платите. Предлагачи на законските измени се пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, Дафина Стојаноска и Ели Панова.
- Се изменуваат коефициентите за пресметка на плата на начин што ќе обезбеди правична и одржлива законска регулатива при исплата на платите и ќе се спречи натамошниот непропорционален раст на нивните плати. Ќе се постигне поголема транспарентност, правична распределба на буџетските средства, при што платите на функционерите ќе се усогласат со реалните економски услови во државата– стои во законот.
Како што е наведено во него, се намалуваат коефициентите, за помали. Па така највисокиот коефициент 3,92 ќе се намали на 3,17. Коефициентот 3,48 ќе се намали на 3,08, а коефициентот 3,22 ќе се намали на 2,85. Понатаму, коефициентот 2,96 се заменува со 2,62, а најнискиот коефициент 2,79, ќе се намали на 2,47.
Од дополнувањата на Законот може да се види дека највисок коефициент се пресметува за претседателот на Македонија и претседателот на Собранието. Вториот коефициент по големина е за пресметка на платите на претседателот на Уставен суд. Третиот по ред коефициент се користи за пресметка на платата на член на Владата, претседател на работно тело на Собранието, гувернер на Народната банка на Република Македонија, јавен правобранител на Македонија, народниот правобранител, секретар на Собранието и секретар на Владата.
Коефициентот за утврдување на плата на заменик министер, директор на републичка организација, раководител на Кабинетот на претседателот на Република Македонија, советник на претседателот на Република Македонија, секретар на Кабинетот на претседателот на Република Македонија, републички советник во Собранието, заменик на гувернерот на Народната банка на Република Македонија, заменик на секретарот на Собранието, заменик на јавниот правобранител на Македонија, заменик на народниот правобранител, изнесува до 2,96.
Најмалиот коефициент е за пресметка на платите на на раководен работник кој го именува Собранието или кој го назначува надлежното тело на Собранието, на судија на апелационен суд и заменик на вишиот јавен обвинител претседател на основен суд и основен јавен обвинител, изнесува до 2,79.
Но, законските измени утврдиле намалување и на платите на градоначалниците, односно планирано е да се намалат и нивните коефициенти.
- Коефициентите за утврдување на платите на градоначалниците на општините и за градоначалникот на Град Скопје изнесува од 2,08 до 2,85. Овие коефициенти се определуваат според бројот на жителите и тоа за градоначалник на општина до 10.000 жители, коефициентот изнесува 2,08, за општина до 25.000 жители коефициентот изнесува 2,23, а за градоначалник на општина до 50.000 жители е 2,47. За градоначалник на општина со над 50.000 жители коефициентот е 2,62 – стои во законското решение, каде исто така е посочено дека коефициентот за утврдување на платата на градоначалникот на Град Скопје изнесува 2.85.
Намалувањето на коефициентите за функционерските плати се прави по бројните реакции во јавноста поради драстичното зголемување на платите на функционерите на почетокот на минатата година, во времето на претходната влада. За потсетување тогаш платите се зголемија за дури 78 проценти.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно гарантираше дека нов раст на платите на функционерите нема да има.
- Две работи се сигурни. Првата е дека еден ден сите ќе заминеме од овој свет, а втората е дека нема да има зголемување на платите на функционерите – кажа премиерот на крајот на октомври.
Предвидено беше платите на функционерите повторно да се зголемат во јануари 2025 година, согласно растот на годишната просечната плата, која е основица за пресметување. Претставници на претходната влада тврдеа дека за да се намалат платите треба да се сменат многу закони.
Инаку платата на премиерот Христијан Мицкоски, според информациите на сајтот на Владата изнесува 140.450 денари (2.280 евра), а исто толку зема и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Платите на останатите министри изнесува 115.540 денари (1.870 евра).
Платите на функционерите се пресметуваат врз основа на просечната плата за тековната година помножена со коефициентот зависно од позицијата која ја имаат, но и од други бенефиции.
П.О.
Можеби ќе ве интересира
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар
Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии




