„ВТОРА ФАЗА НА ЖИЧНИЦАТА ОД СВЕТИ ЈОВАН ДО СРЕДНО ВОДНО“: Томовски вели привилегиите за функционерите се минато
Објавено во: Македонија 02 Јануари, 2025
Државен имот со нерешени имотно-правни односи, запуштени вили сопственост на државата, заборавени репрезентативни објекти, се дел од состобјите кои ги затекнал директорот на Службата за општини и заеднички работи, Ивица Томовски. Тој укажува дека преземени се бројни активности во насока на надминување на затекната состојба.
- Службата се фокусираше на мерки со кои беше неопходно да се надминат многу од затекнатите проблеми и неефикасности, се интензивираше процесот на ревизија и оптимизација генерално во насока на одговорно, отчетно и транспарентно управување со државните ресурси - нагласи Томовски во обраќањето.
Од СОЗР соопштуваат дека ги оптимизирале трошоците за набавка на пијалоци и апетисани за потребите на државните органи, ги зголемиле цените на угостителските услуги во владините објекти, со што привилегиите за избраните функционери станале минато. Од таму додаваат дека во завршна фаза е и постапката за ставање крај на лошите практики за злоупотреба на службените возила, преку изготвување на посебен регистар и унифицирање на службените возила.
СОЗР примени механизам за строга контрола на сите службени трошоци со цел да се намалат непродуктивни патувања, кои биле пракса во минатото, а во насока на одговорно трошење и планирање на јавните средства.
- Големо безредие и тотален хаос наследивме со државниот имот од кој 80 отсто имаше нерешени имотно-правни односи, затекнавме запуштени вили сопственост на државата, заборавени репрезентативни објекти. По извршена анализа на состојбите, конкретни чекори презедовме и во таа насока - вели Томовски.
Додава дека поради недостатоци во проектот во владината Палата АСНОМ, склучен и наследен од претходната власт, СОЗР направи анекс на проектот за реконструкција која е во тек, а се преземаат и мерки за заживување на комплексот „Македонско село“ кое во изминативе пет години е затворено и заборавено поради негрижа. Во моментов се врши и реконструкција на Клуб на пратеници, со цел да са врати функционалноста на објектот и неговиот имиџ.
- СОЗР во моментов врши анализи на условите за изградба на втора фаза од Жичницата, од црквата „Св.Јован“ во Капиштец до Средно Водно, како и за доградба на зградите на Факултетот за физичка култура (ФФК) и Факултетот за информатички технологии (ФИНКИ) во рамките на кампусот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, објекти кои шест години се во фаза на карабина.
И во наредната година ќе продолжиме со подобрување на системот за управување со цел да овозможиме транспарентност, отчетност и поголема ефикасност во работењето на сите нивоа, со што ќе се подигне нивото на доверба во оваа важна служба и ќе придонесе за понатамошен развој и напредок - нагласува Томовски.