19 Декември, 2025
0.0723

За нив ќе нема коктел на плажа - Кои општини влегоа во жешко политичко лето

Објавено во: Анализа 15 Јули, 2025 07:59

Добивај вести на Viber

До почетокот на официјалната кампања за следните локални избори има уште некој месец, и со оглед на актуелните рејтинзи на партиите исходот од многу битки во општините се чини дека се веќе познати, но во неколку општини веќе започна жешкото политичко лето, а кандидатите кои се лиферуваат во јавноста сигурно нема да имаат време за коктели на плажа.

Ова се засега најинтересните политички битки по општини.

Чаир: Дивоградби, огнени, дипломати - Кој ќе преовлада?

Општина Чаир ќе биде дијамантот на круната кај албанските политички партии во земјава, бидејќи кој ќе успее да прогласи победа таму, најверојатно ќе може да ги прогласи и целокупните избори за победнички. Од една страна е нападот врз актуелниот градоначалник Висар Ганиу кој од ДУИ прелета во „Огнената група“ и сега е меѓу најистакнатите членови на Влен, верен другар на Изет Меџити, кој пред него во повеќе мандати беше прв човек на централната скопска општина.

ДУИ со „инспекциите“ на Данела Арсовска смета дека го има рецептот против одметнатата огнена група во Чаир. Претставувањето на „подивениот урбанизам“ секако води корени уште од времето кога Изет Меџити беше градоначалник, кога се изградени поголем дел од спорните објекти наведени како дивоградби. Но, да се потсетиме дека тогаш беше еден од главните адути на Али Ахмети, како лидер на „скопското“ крило на ДУИ.

Исто така најавата дека Бујар Османи од висока политика и дипломатија ќе се префрли на комунални проблеми е доволно интересно да се следи оваа битка меѓу ДУИ и ВЛЕН. Ако тој навистина се кандидира тогаш многу е веројатно ВЛЕН да подразмисли дали повторно ќе истрча со Ганиу, или пак ќе бара некој „почист“ кадар зад кој не се влечат опашки.

Струмица: Карневалска атмосфера - Паднаа ли партиските маски?

Струмица е позната по карневалот кој се одржува на Прочка, но тоа „расположение“ како да се преслика и во локалната политичка сцена. Актуелниот градоначалник Костадин Костадинов ја изгуби поддршката од матичната партија СДСМ и Венко Филипче реши уште сега да најави дека сепак, социјалдемократите ќе истрчаат со друг кандидат.

Тоа претставува големо изненадување, ако се потсетиме дека своевремено Костадинов го нарекуваа „клонот на Заев“, кој во раните политички години ги емулираше движењата, гестикулациите, дикцијата, и сите наративи на неговиот сограѓанин и партиски лидер, трговецот од Муртино.

Тука се можни повеќе комбинаторики, меѓу кои и победа на ВМРО-ДПМНЕ со оглед на разнишаната состојба на СДСМ, но за да има добар политички натпревар, и колку толку интересни избори, сепак шансите се повеќе на страната на социјалдемократите, кои најверојатно лесно ќе го надминат Костадинов, кој практично се (само)елиминираше по препукувањата испровоцирани од Драган Павловиќ Латас.

Кичево: Роднини, команданти, независни - Почетокот на крајот на Ахмети?

Неизбежен е впечатокот дека сепак, овие локални избори, од аспект на политичка анализа, поинтересни ќе бидат во албанскиот блок каде има далеку поголема неизвесност.

Кичево со децении е бастион на ДУИ и е практично единствена општина во која досега не биле поразени, директно на избори од страна на нивната опозиција, или пак со пребегнување на нивен победнички кандидат.

Силната соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН може да понуди многу покреативни решенија за идниот градоначалник на Кичево. Една од опциите е повторно да истрча Фатмир Лимани, инаку близок соработник и министер во Владата на Христијан Мицкоски.

Другата опција е да се оди со „независен“ кандидат кој е популарен меѓу младата генерација, па дури и да се оди со кандидат Македонец, а ВЛЕН да добие поддршка во други општини каде имаат поголем предизвик да го поразат ДУИ. Во секој случај Ахмети со едното око ќе ѕирка блиску до сопствениот двор, а со другиот кон Чаир.

Х.С

Можеби ќе ве интересира

Историски отворени врати за членство во ЕУ, но „вратарот“ не попушта

Историски отворени врати за членство во ЕУ, но „вратарот“ не попушта

Еден од пет луѓе во земјава користи ВИ алатки, во ЕУ речиси секој трет

Еден од пет луѓе во земјава користи ВИ алатки, во ЕУ речиси секој трет

Слаб обвинител силна власт - По што ќе се памети Љупчо Коцевски

Слаб обвинител силна власт - По што ќе се памети Љупчо Коцевски

Битка на резолуции за мигрантите - Кога СДСМ сака да биде поголемо ВМРО од Белата палата

Битка на резолуции за мигрантите - Кога СДСМ сака да биде поголемо ВМРО од Белата палата

Позадината на „Договорот на векот“: Преземањето на Warner е многу повеќе од стримингот на Netflix и HBO Max

Позадината на „Договорот на векот“: Преземањето на Warner е многу повеќе од стримингот на Netflix и HBO Max

Анѓеловска: Ризично е да се потпирате на ВИ алатки и ботови за правно советување

Анѓеловска: Ризично е да се потпирате на ВИ алатки и ботови за правно советување