За подобри услови во трето доба грантови за приватни домови за стари
Објавено во: Македонија 21 Септември, 2016
Десет приватни домови за згрижување на стари лица добија одобрување за грантови кои ќе ги распредели Министерството за труд и социјална политика со цел да се зголемат нивните капацитети и да набават неопходни средства.
- Мерката Грант за основање приватен дом за стари лица со неповратни средства во износ од 750 илјади денари ја реализираме првпат годинава со цел да ги мотивираме инвеститорите да вложат во отворање вакви домови. Со тоа ќе се зголеми бројот на приватни домови за стари лица, ќе се зголеми капацитетот за згрижување на старите лица во Македонија, а и да влијаеме на зголемување на бројот на вработени во овој сектор, рече при доделувањето на грантовите дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов.
Средствата во висина од 750 илјади денари ќе бидат неповратно доделени и со нив треба да се создадат услови за прием на уште 350 луѓе во постоечките приватни капацитети и да се подобри услугата за лицата во трето доба. Постои можност мерката за грантови за приватни старечки домови да продолжи и во следната година.