Заев ја испофали Југославија во Гевгелија
Објавено во: Македонија 23 Септември, 2018
Нека каже некој која е другата алтернатива, ако ја има, повика премиерот Зоран Заев, на трибина во Гевгелија во рамките на референдумската кампања „Излезе ЗА европска Македонија“
- Во Југославија имаше пазар од над 20 милиони луѓе, затоа добро се живееше.Не е исто да се излезе на пазар од два милиони и 500 милиони купувачи. Младите ќе останат сами овде зачмаени, изолирани и отуѓени, ако не се отвориме кон Европа. Целиот свет дојде да не кани, изградивме пријателство, се консолидиравме со концепт „Општество еднакво за сите“, пандан на југословенското „Братство и единство“. Дојде и Ангела Меркел, челичната дама, да не поздрави како народ и да ни каже дека имаме иднина во ЕУ и НАТО - рече Заев пред присутните.
Ја повика опозицијата да донесе појасен став за референдумот и да го разбере историскиот момент.
- Сакам да постигнеме максимален консензус. Од Охрид испрати Мицкоски порака дека ВМРО-ДПМНЕ нема план за Македонија, а сите имаме деца. Не може да се постигне подобар договор. Од 1 октомври повторно ќе се биеме и за економските политики и за се друго со ВМРО-ДПМНЕ, но дајте да се сплотиме сега заедно за Македонија - наведе Заев.
Додаде дека 30 септември не се пропушта и не се седи дома, бидејќи историјата ги пишува оние што превземаат акција.