Заев верува во плата од 500 евра до крајот на 2019
Објавено во: Македонија 11 Мај, 2018 08:16
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Зоран Заев вчеравечер учестуваше на граѓанска трибина на ОО СДСМ Тетово.
Во своето обраќање пред присутните граѓани претседателот Заев потенцираше дека унапредувањето на состојбите во Македонија, отворањето на перспективите за членство во ЕУ и НАТО, градењето пријателство со соседите и другите земји се со цел да се подобри економијата и животниот стандард на граѓаните.
„Во последниве 11 месеци се надминаа поделбите внатре во општеството, но се унапреди и соработката и пријателството со соседите и со светот. Ако сте скарана држава со соседите, ако сте поделени како општество, не може да очекувате економски напредок, затоа е важно што земјата се врати на евроинтграцискиот пат. Членството во НАТО не значи само зголемена безбедност, туку тоа значи и нови инвестиции, нови работни места. НАТО значи повеќе пари, поголеми плати. Позитивната препорака за почеток за преговорите со ЕУ и членството во ЕУ не значат само зајакнати институции, владеење на правото, поголема слобода, туку и отворање на нови фондови и повеќе пари кај граѓаните. Се тоа значително ќе влијае на подобрување на животниот стандард на граѓаните. Кога зборуваме за живот, мислиме на економскиот стандард на нашите граѓани“ порача Заев.
Претседателот Заев се осврна на досега сработеното од Владата предводена на СДСМ, но и на предвидените идни мерки коишто се во интерес на граѓаните.
„Уште во првите недели од мандатот донесовме мерки со кои ги намаливме трошоците на граѓаните. Ја укинавме радиодифузната такса и ја воведовме евтината тарифа на струјата, со што кај граѓаните останаа десетици милиони евра по основ на намалени трошоци. Законот за минимална плата ја отвори спиралата на раст на платитие. Околу 90.000 работници сега добиваат повисока плата, а просечната плата е зголемена и веќе е околу 24.000 денари. Дополнително, со новата мерка за државна помош на платите се отвора можност за зголемување на платите на уште 50.000 лица. Тоа ќе ја засили спиралата на раст на платите и верувам дека не до крајот на мандатот туку до крајот на 2019 година просечната плата ќе изнесува 500 евра“ рече претседателот Заев.
Зборувајќи за капителните инвестиции, претседателот Заев потенцираше дека Владата обезбеди значителни 270 милиони евра за изградба на патни правци во должина од 800 километри.
„Преку домаќинско работење обезбедени се околу 120 милиони евра кои ќе се искористат за инфраструктурни и комунални проекти како водоводи, канализации и пречистителни станици. Со продолжување на домаќинскиот пристап во работата верувам дека ќе се заштедат пари за значително зголемување на социјалната помош, а од почетокот на наредната година целосно да биде воведено и бесплатното болничко лекување“ додаде претседателот Заев.
Во дебатата за повеќе актуелни праша од граѓаните претседателот Заев ја посочи важноста од неселективно владеење на правото и правда достапна за сите.
„Нема живот во Македонија ако нема правда и казни. Ако нема казни како ќе знам дека луѓето што сега се во извршната власт нема да го прават истото она што го правеа претходните. Секој кој се огрешил пред законите и за кого ќе има докази во транспарентна и отворена судска постапка мора да сноси одговорност и законот да биде еднаков за сите. Правда мора да има“ порача Заев.
Говорејќи пред присутните претседателот Заев ги издвои концептот на едно општество за сите и унапредувањето пријателството со соседите и светот како клучни столбови во напредокот на Македонија.
Претседателот Заев посочи дека Македонија чекори по вистинскиот пат и го искажа своето уверување, со посветена работа, заеднички со граѓаните, Македонија ќе биде достоинствено место за живот на сегашните и идните генерации.
Можеби ќе ве интересира
Желјазков: Немаме нерешени билатерални прашања со Република Северна Македонија
Петре Шилегов бара оставка од лидерот на СДСМ, Венко Филипче
Арсовска од медиумите дознала дека треба да пријави имотна состојба, ја обвини ДКСК за јавен линч
Собранието го изгласа пакетот закони потребни за целосно функционирање на системот „Безбеден град“
Собранието донесе Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција
Грчкото МНР реагира за изјавата на Мицкоски: Секој обид за фалсификување или менување на содржината на Договорот oд Преспа нема да биде прифатен
„Кој има две блузи, нека даде една на оној што нема ниедна“: Празнична солидарност на дело - Велешани со пример за цела Македонија
Наводите за привилегии за тендерите се неточни, велат од Владата по обвинувањата за давање милионски тендери




