ЗАХАРОВА МУ ЗАБЕЛЕЖУВА НА ВУЧИЌ: Moжел, но не разговарал со Лавров во ОН
Објавено во: Свет 03 Октомври, 2024
Русите му забележуваат на српскиот претседател Александар Вучиќ дека во ОН не разговарал со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова денеска изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ можел да разговара со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров за украинската криза која го „загрижува“ на маргините на 79. седница на Генералното собрание на ОН.
„Знаете, ако таа тема навистина го загрижува Александар Вучиќ, тој за тоа ќе разговараше со Сергеј Лавров на маргините на ГС на ОН, кога двајцата беа таму и кога ја даде таквата изјава“, вели Захарова.
Таа реагира по повод изјавата на Вучиќ за траењето на украинскиот судир. Руските медиуми објавија дека Вучиќ зборувајќи за конфликтот во Украина изјавил дека „на крај ќе биде мир, затоа ќе има силна борба за секое село. Ќе биде достигнато корејското сценарио и тоа нема да има решение за 10, 20 или 30 години и тоа ќе биде суштинско решение за судирот во Украина“.
Руската инвазија на Украина почна пред повеќе од две и пол години.