02 Мај, 2024
0.0274

Заложници на личните интереси

Објавено во: Економија, Колумни 29 Февруари, 2016

Добивај вести на Viber

Живееме во време на силни манипулации сервирани од власта. Ни продаваат приказни дека не очекува светла економска иднина, дека бенефитите од економските растови само што не сме почнале да ги чувствуваме и дека прашање на време е кога „економската машина“ ќе залауфа. А, вистината е сосема поинаква. Ние сме економија која десет години функционира без  стратегија за долгорочен и среднорочен развој. Развојот е сведен на едногодишните проекции на  растот на БДП. И тоа не заради неговата динамиката, туку заради планирањето на приходите во буџетот кои му се потребни на лидерот во менаџирањето на сопствениот рејтинг.

Стратегијата веќе одамна е заменета со „Програма во сто чекори„ која на народот му ја продаваат како библија во исполнувањето на економските желби. Не‘ мафтаат со остварување на разно - разни  проекти, без отчет што е планирано и што е остварено (многу проекти се планираат години со ред, а не се кажува зошто не се реализирале, а буџетските средства се потрошени). Ниту еднаш не споменале кои им се развојните цели, барем во среднорочен период, кои им се мерките и инструментите со кои ќе ги остваруваат. Свртени кон буџетската потрошувачка заборавија дека покрај државата како „бизнисмен“ има и други, мали, средни и големи бизнисмени кои сакаат да имаат стабилни и рамноправни услови за стопанисување на подолг рок за да можат да се впуштаат во остварување на подолгорочни стопански зафати. Едногодишните и , уште помалку, ад хок популистичките мерки не им се од полза за планирање на долгорочниот развој. И не е случајно што односот кон развојот им се сведува на преживување.

Интересите на власта за импровизации  во досегашниот развој (бидејќи од тоа извлекуваа лични или партиски бенефити преку корупции, малверзации, уцени, казни)  го  надвладеаа интересот на јавноста и на домашните бизнисмени. Крајниот резултат  е поразителен: голема сиромаштија (ниски плати, пензии и социјални надокнади, висока  невработеност), ниски стапки на раст, висока задолженост (не само што се задолжуваме за да ги враќаме старите долгови, туку и годишните износи за отплати се поголеми од растот на БДП, што значи дека   сиромаштијата и натаму  ќе се влошува), масовно иселување од земјата.

Во овој контекст несериозно е кога врхушката на власт, во суштина, непостоечката развојна политика ја сведува на годишна  политика на буџетската потрошувачка и сака да ја прикаже како антициклична политика (божем, според учењето на Кејнс, чија „Општа теорија на невработеноста, каматата и парите“ се појави точно пред 80 години),  како што е во  практиката за надминување на кризата во развиените економии. Притоа, превидуваат дека во стабилизационата политика на Кејнс девалвацијата има предност пред дефлацијата, а стабилноста на цените- пред стабилноста на курсот (секако поради ризиците да се контролираат внатрешните тензии што ги предизвикуваат дефлаторните притисоци).  Наспроти тоа, се повикуваат само на она што тековно им одговара. Но, затоа и не ги остварија очекуваните ефекти. Со намера да ја избегнат рецесијата во земјата во 2009 година власта пристапи кон зголемено трошење преку зголемување на буџетскиот дефицит (од 0,9%  во 2008) на 2,6% од БДП во 2009. Меѓутоа, и покрај тоа, БДП во 2009 година се намали за 0,4% во однос на претходната година. Во наредените години буџетските дефицити се зголемуваа до 4,2% во 2014 година, а динамиката на растот флуктуираше од -0,5% во 2012 година до 3,5% во 2014 година.  Вака ниските стапки на раст се одржуваа со зголемување на буџетските дефицити, кои резултираа во забрзан пораст на јавниот долг на државата. И како што споменавме погоре, тој е веќе на тапет за консолидација, преку намалување на буџетскиот дефицит, со што се доведува во прашање и остварувањето на досегашните стапки на раст.

Резултатите од досегашниот развој се силен аргумент за напуштање на досегашната практика во која целите на развојот на земјата ги супституиравме со обезбедување на средствата за остварување на целите (цените и курсот). Инфантилно е кога носителите на макроекономската политика се гордеат со одржувањето на стабилноста на цените и на курсот на домашната валута, без малку 20 години. Точно е дека одржувањето на нивната стабилност беше важна додека се зауздаа инфлаторните притисоци во економијата. Меѓутоа, по неколку годишната примена, тие станаа контрапродуктивни, со оглед на тоа што нивното одржување по секоја цена, вклучувајќи и мерки на интерна девалвација, доведе до дефлаторни притисоци и забавен раст (поради високите каматни стапки во функција на  одржување на стабилноста на курсот), до зголемување на увозната зависност и пораст на долговите.

Нема разумно објаснување зошто и натаму толку се инсистира на стратегијата на таргетирање на девизниот курс и покрај неповолните трендови. Може само да се претпоставува. Зад тоа стојат увозното и должничкото лоби, вклучувајќи ја тука и државата. Логиката е неумолива. Со реален курс на денарот таа не би смеела да влегува во должнички аранжмани како досега, или барем ќе водеше поголема сметка за рационалното трошење на средствата. Не е ни чудно што   на власта не и‘ е битно  што извозот на домашниот бизнис стагнира и опаѓа, а се фали со извозот во ТИРЗ-овите. Ова ќе трае се‘  додека   пропагандата успева да ги замаглува реалните текови. Меѓутоа, таа веќе се крева и разретчува. Сиромаштијата не може да се крие. Веќе нема семејство од кое некој не тргнал „трбухом за крухом“. Веќе ни владата не ја крие опасноста од ризикот на долговите и неповолните последици...

Со постојната монетарна стратегија и импровизаторската развојна политика стасавме до тука, до работ на провалијата. А зошто не се промени на време за да се избегнат дефлаторните притисоци може да се наведуваат и други причини. За тоа повеќе може да каже министерот Ставревски, кој уште во магистерскиот труд во 2002 година, знаеше дека  споменатата стратегија се покажа како ефикасна во соборувањето и контролата на инфлацијата и инфлаторните очекувања, но доведе до губење на ценовната конкурентност спрема странство и стана причина за појава на дефлаторни движења во економијата. Притоа, наведува и повеќе објективни причини зошто ваквата стратегија не би можела да се смета за долгорочно прифатлива за Македонија. Значи, не се работи за незнаење. Дилема е само дали е  во прашање остварувањето на  материјални интереси или комоција во владеењето или станува збор за кумулација на едното и другото.

Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

При кумулативен пораст на цените од 61.5 отсто, само премиите за авто осигурување се замрзнати 15 години

При кумулативен пораст на цените од 61.5 отсто, само премиите за авто осигурување се замрзнати 15 години

Дваесет години не го воведоа еврото и се спасија од рецесија

Дваесет години не го воведоа еврото и се спасија од рецесија

Радикално покачената минимална плата ги зголеми цените на услугите

Радикално покачената минимална плата ги зголеми цените на услугите

Трендафилов: Црвен картон за судот за конфискацијата на работничката зграда

Трендафилов: Црвен картон за судот за конфискацијата на работничката зграда

Роботите го имаат приматот во индустријата, човекот останува неприкосновен во другите дејности

Роботите го имаат приматот во индустријата, човекот останува неприкосновен во другите дејности

Договорот за слободна трговија меѓу Кина и Еквадор стапи на сила на 1 мај

Договорот за слободна трговија меѓу Кина и Еквадор стапи на сила на 1 мај

ПЕНЗИИТЕ СЕ НАМАЛУВААТ: Чешка ја зголемува старосната граница за пензионирање

ПЕНЗИИТЕ СЕ НАМАЛУВААТ: Чешка ја зголемува старосната граница за пензионирање

МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ОБЈАВИ ПОДАТОЦИ: Колку изнесува јавниот долг?

МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ОБЈАВИ ПОДАТОЦИ: Колку изнесува јавниот долг?

НЕВРАБОТЕНОСТ: Колку Германци се без работа?

НЕВРАБОТЕНОСТ: Колку Германци се без работа?