Зошто Франција ја кочи Македонија на патот кон ЕУ - Буџаку анализира за Фактор
Објавено во: Македонија 14 Октомври, 2019
Зошто Франција сега се наметнува како главен кочничар на добивањето датум за Македонија за преговори во Европската унија, особено откако земјава направи голем влог и го промени своето уставно име, Фактор ја продолжува серијата разговори со компетентни експерти и познавачи на овој проблем.
Овие дилеми за Фактор се обидува да ги разјасни Агрон Буџаку, кој од 2010 до 2015 година беше амбасадор на Македонија во Франција. Буџаку за Фактор вели дека овој став го дава исклучиво во свое лично име, а не е на владејачката партија ДУИ, чии член е, и како поранешен амбасадор на земјава во таа држава.
Буџаку вели дека станува збор за многу сложена работа, а ставот на француската држава кон земјава и воопшто кон Западен Балкан, може да се објасни од три аспекти, прво од аспект на тоа што Франција е претседателска држава, второ од аспект на внатрешната политика, и трето, од аспект на политиката на ЕУ и позицијата на Франција во меѓународната политика. И сите три фактори влијаат на ваквото однесување на државата.
Првиот аспект е што Франција е претседателска држава, и практично од сите држави кои имаат етаблирана демократија, францускиот претседател има најголема моќ.
„Емануел Макрон како млад политичар влезе со амбиција Франција да ја позиционира како еден од главните фактори, не само во европската политика, туку и пошироко. Дека Франција е голема величина, практично, тие се уште се замислуваат дека се еден од главните фактори во светската политика. Исто така, тој е кадар на ЕНА, високо-образовна институција, која ги подготвува елитните кадри на политиката и други области. Тоа е таа школа каде политичките кадри се обучени така да размислуваат и така да ја водат политиката, практично така да ја застапуваат позицијата на Франција“, вели Буџаку.
Ако ставот се набљудува од аспект на внатрешната политиака, проширувањето на ЕУ практично е една од главните теми на француската политика.
„И ова не е само од аспект на проширувањето на унијата, туку и ставот кон емигрантите, кон другите неФранцузи, како и кон другите неЕУ грѓани. Тој став одамна се создава, уште додека јас бев амбасадор, но сега се повеќе се интензивира таа ксенофобична политика. На таа карта играат популистите, а таму Народниот фронт на Мари Ле Пен, парија што води националистичко-популистичка политика, има големо влијание и добива се повеќе гласови. И за жал, лично констатирав дека во тој наратив и во таа реторика влегоа и другите мејнстрим партии, па наместо таа политика да се игнорира, секогаш е тема на избори. Што се случува во услови кога главните партии немаат што да им понудат на граѓаните, пред се, на економски план“, објаснува за Фактор поранешниот амбасадор на земјава во Франција.
И третата работа која има влијание, според него, е на некој начин слабеењето на позицијата на германската канцеларка Ангела Меркел, која истера четири мандати и сега веќе најави дека ќе се повлече.
„Во таа ситуација Макрон веќе се гледа себеси како главна фигура во Европската унија, како главен дисижн мејкер, кој ќе го има крајниот збор при носењето на одлуките“, вели Буџаку и додава дека сите овие фактори заедно влијаат на француската позиција.
Дали на крајот неделава ќе се донесе позитивна одлука за Македонија, Буџаку вели дека тој очекува дека на крајот, сепак, и Франција и Германија геостратешки се на иста позиција, а таа е дека Западен Балкан треба да биде член на ЕУ, како и дека невклучувањето на Западен Балкан може да направи повеќе проблеми отколку вклучувањето, во смисла на безбедност, сигурност, како и можното влијание од другите држави, како што се Русија, Кина и Турција.
„Така што, јас останувам оптимист. За нас, не само за земјава, туку и за Западен Балкан воопшто, тоа е важно прашање, прашање на да се биде или не“, вели Буџаку.
Што доколку земјава неделава извиси, и повторно се пролонгира добивањето на датумот за преговори за земјава?
„Ако заради наведениве причини Европската комисија не ни го даде датумот сега, единствениот начин да се компензира тоа, е да се зголемат претпристапните ИПА фондови за земјава, за граѓаните да продолжат да имаат верба во Европската унија, таа да не се губи заради одложувањата. Бидејќи, ако не сега, датумот сепак ќе стигне еден ден, ние сме тука географски, во Европа“, вели поранешниот амбасадор Агрон Буџаку за Фактор.
А денеска и универзитетскиот професор Никола Дујовски, за Фактор изјави дека е рано да се каже дали сме изиграни или не како држава, но генерално, политиката на Франција кон Балканот воопшто, е контрадикторна.
„Бидејќи, токму Франција, во мај годинава стартуваше нова Стратегија за Балканот, во која за поддршка на развојот на овој регион најави дека планира да инвестира поголема сума средства, преку Француската банка за поддршка на развојот. Практично, со тоа Франција планира да оствари поголемо влијание на Балканот, а од друга страна, нашата држава сега се соочува со многу непринципиелен однос од неа. Бидејќи, проблемите во Европската унија не почнаа од вчера, па сега да се инсистира на таа методологија на реформи, туку од многу поодамна, и тоа не треба да се поврзува со државава“, вели професорот Никола Дујовски за Фактор.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.