Анализа со Виктор Јакимовски – Мерките и политиките за младите се на „мускули“
Објавено во: Македонија 22 Август, 2022
Уште многу треба да се
работи за младите да се почувствуваат пожелни во македонското општество,
особено во политиката и креирањето мерки за подобрување на нивниот живот. Иако
власта донесе повеќе закони и проекти за младинско учество, учење преку пракса,
како и младински додаток, повеќето од нив се подготвени при првата можност да
ја напуштат Македонија. Причините се повеќе стануваат општествени отколку
економски, едноставно младите не ја гледаат иднината во држава во која царува
непотизмот, партизираноста и корупцијата. Ако во просек годишно се иселуваат
околу 20.000 млади луѓе, проценките се дека тоа државата ја чини речиси 500
милиони евра.
Во разговорот со Виктор Јакимовски, младински активист и извршен директор на платформата Пантеон, се обидовме да откриеме кои мерки им се потребни на младите за да останат во земјата и да го дадат својот придонес во економијата, културата, општеството и политиката.
Што е превземено во последните години за „анимирање“ на младите од аспект на законската регулатива и дали е тоа доволно?
„Па очигледно ништо, или барем ништо конкретно. Јас навистина не можам да се сетам на некоја конкретна мерка или реформа која со сигурност можам да кажам дека е успешна. Младинските политики после изборите секогаш се ставаат во втор план, а декоративните „подобрувања“ повеќе се од некој културен карактер, затоа што тоа е веднаш видливо и е добар ПР за тие кои во тој момент се на власт. Не велам дека нема обиди и дека баш ништо не се работи, но целиот овој процес ми изгледа како да се движи бавно и на „мускули“, смета младинскиот активист Виктор Јакимовски од Пантеон Платформа.
Со законот е предвидено и формирање на Национално собрание на млади и Локален младински совет во општините. Колку единици на локалната самоуправа досега формираа вакви совети и како истите функционираат, што се подобрува за младите низ Македонија?
„Јас знам за некои десетина општини низ државата дека имаат формирано локални младински совети и дека уште толку се во постапка на избирање и формирање. Локалните младински совети се добар пристап за вклучување на младите во креирањето на нови можности и подобрување на нивната положба во самата заедница од која што потекнуваат. Младинските совети располагаат со свој буџет кој е обезбеден од буџетот на општината и со тој буџет може да ги финансира своите проекти и активности. Младинскиот совет може да иницира свои проекти, да даде предлози и препораки до општинскиот совет и градоначалникот, како и партнерски да учествува во проекти со други страни. Дијапазонот на области во кои може да се вклучи Советот со работа е практично се што ги засега младите - спорт, култура, образование и наука, уметност итн. и всушност се се сведува на тоа што ќе го утврди Советот како приоритет. Јас сум дел од Локалниот младински совет на Крива Паланка и можам да кажам дека овој совет е една од успешните приказни“, вели Јакимовски.
Освен законите кои се однесуваат на младите и нивното досегашно спроведување, што е потребно да се преземе за да намали апатијата, како и високата стапка на иселување во странство?
„Создавање на „мерит“ систем и систем на вредности, дефинитивно. Мора да се врати чувството на сигурност и вербата во институции само преку вистинско покажување на такво во реалноста, а не да се сведе на владин ПР и пропаганда. Реформа во јавната администрација мора да има и да оди во насока на професионализација, а не партизација. Растоварување на пренатрупаноста во јавната администрација по принципот на „кога двајца административци кои работат иста работа ќе отидат во пензија, на нивно место ќе биде вработено едно лице кое ќе го има нивниот обем на работа“ мислам дека на среден или на долг рок би вродило со плод. И секако адекватни економски политики кои ќе бидат во тек со модерното време, бидејќи, просто кажано, за било што потребни се пари“, потенцира Јакимовски.
Постојат ли злоупотреби во процесот на младинско организирање од страна на политиката и партиите во земјата, дали младите се чувствуваат како инструмент во рацете на елитите и дали се уште една гласачка категорија на која пред изборите и се ветува се и сешто, а потоа доаѓа до разочарување?
„Па не знам дали може да го окарактеризираме како злоупотреба, бидејќи тоа би алудирало кон нешто нелегално, а за такво нешто не можам да кажам дека сум приметил да постои, но мислам дека е пракса кај речиси сите политички партии во државата младите да ги користат како инструмент, не само во предизборниот процес, туку и општо. Сакате земете ги младите кои се дел од политичките подмладоци на партиите, кои се нивната, условно речено „тупаница“ на теренот и потенцијално свежо гласачко тело, кое после изборите секогаш како да останува подзаборавено и заталкано во процесот на „сега во скоро ќе биде“, или оние млади кои се неопределени и сакаат промени, а остануваат излажани од политичарите кои во одреден момент им изгледале како „промена“. Тоа дефинитивно води кон разочарување и тоа разочарување е евидентно, најмногу манифестирано со апатија кај младите за учество во политиката или да излезат да гласаат. Дополнително како параметар, ако сакате, може да се земе и падот на бројот на гласачи кај двете најголеми политички партии“, дополнува Јакимовски.
Х. С.