АЗЕРБЕЈЏАНСКА ШЕМА НА КОРУПЦИЈА: Дали е вмешана и Македонија?
Објавено во: Свет 05 Септември, 2017
Италијанeцот Лука Волонте, лобистот на ВМРО-ДПМНЕ, прифатил милиони евра од владата на Азербејџан за да ја брани оваа земја во Советот на Европа.
Италијанското обвинителство отвори истрага за овој случај.
Според повеќе европски весници, власта во Азербејџан имала таен фонд од 2,9 милијарди долари за мито за европски лобисти, политичари, новинари и бизнисмени. Тие требало да лобираат и да шират позитивни пораки за Азербејџан и власта во оваа земја и да ги блокираат негативните извештаи за наместените изборите, за корупцијата и за политичките прогони и насилства врз опозицијата и новинарите во Азербејџан во Советот на Европа.
Парите се пренесувале преку мрачни компании кои имале седиште во Велика Британија, а до нив ги пренесувала Данске Банк, преку нејзината филијала во Естонија.
Телма објави можна македонска вмешаност во овој корупциски скандал. Според Телма, на сметка на поранешен македонски фудбалер “завршиле дел од 2,9 милјади долари, пари со кои меѓу другото владејачката елита поткупувала новинари и европски политичари, тврди романскиот новинар Пол Раду. Дел од овој скандал што го објавија повеќе светски медиуми, според него, е и компанија блиска до претходната македонска влада”. Името на фудбалерот не се открива но романскиот новинар тврди дека тоа наскоро ќе биде објавено.
И Советот на Европа почна своја истрага за тоа, кој и како гласал во Собранието во 2013 година за резолуцијата за Азербејџан.