БЛИНКЕН: Идејата Гренланд да биде дел од САД не е добра
Објавено во: Свет 08 Јануари, 2025
Според американскиот државен секретар на заминување Ентони Блинкен, идејата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, Гренланд да стане дел од Соединетите држави „не е добра“.
Трамп одби да ја исклучи употребата на сила при можното преземање на контрола врз арктичкиот остров, кој според него им е потребен на Соединетите држави поради национална безбедност. Данска, која официјално го контролира Гренланд, изјави дека островот нема да стане нова американска држава.
„Идејата на Трамп за Гренланд очигледно не е добра“, им кажа Блинкен на новинарите на прес-конференцијата во Париз со францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, додавајќи дека тоа „очигледно нема да се случи“.
Островот, чиј главен град Нук е поблиску до Њујорк отколку до данскиот главен град Копенхаген, содржи богати наоѓалишта на минерали, нафта и гас. Сепак, тој се развива бавно, а економијата на островот зависи од риболовот и годишните субвенции од Данска.
Со оглед на воздухопловната база Питуфик, Гренланд е стратешки важен за американската војска и нејзиниот систем за рано предупредување за балистички ракети, бидејќи најкраткиот пат од Европа до Северна Америка минува низ островот.
„Европската Унија не би сакала да ја споредува актуелната ситуација со изјавите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп околу Гренланд со случувањата во Украина пред руската инвазија во 2022 година“, изјави денеска главната портпаролка на Европската Комисија, Паула Пињо.
Таа одговараше на новинарски пршања во врска со најавата на Трамп дека нема да ја исклучи употребата на воена сила со цел САД да ја преземат контролата врз Панамскиот Канал и врз данската територија Гренланд.
На прашање дали односот на ЕУ кон воените закани упатени од Трамп кон една нејзина земја членка потсетува на случајот од пред 2022 година, кога Унијата и дипломати во некои нејзини членки велеа дека заканите за руска инвазија врз Украина се „хипотетичко сценарио“, Пињо одговори дека станува збор за „теоретско прашање“.
За време на неговиот претходен мандат, Трамп изрази интерес за купување на Гренланд во 2019 година, но Данска и властите на островот брзо го отфрлија предлогот пред да се одржат официјалните разговори.
Гренланд има право да прогласи независност од Данска од 2009 година, но островот со околу 56.000 жители, кој зависи од значителни годишни трансфери од данскиот буџет, сè уште не го сторил тоа.