УКРАИНА: Спремни сме да го пополниме секое празно место ако Унгарија реши да се повлече од ЕУ и НАТО
Објавено во: Свет 08 Јануари, 2025
Спремни да влеземе во ЕУ и НАТО наместо Унгарија, велат украинските власти.
„Украина е спремна да го пополни „секое испразнето место“ во Европската Унија и НАТО ако Унгарија реши да го повлече своето членство во тие сојузи за да се придружи на организациите кои ги предводи Русија“, соопшти денес украинското Министерство за надворешни работи.
Коментирајќи ја изјавата на шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто дека одлуката на Киев да го прекине транзитот на рускиот гас преку својата територија ги зголемила цените, украинското министерство соопшти дека тие изјави се „дел од политички мотивираната кампања насочена на домашната потрошувачка“, потсетувајќи дека Европската комисија оцени дека одлуката немала негативно влијание на енергетската безбедност на ЕУ или потрошувачките цени.
„Единствената причина за предизвиците на енергетскиот пазар секогаш била Русија“, се наведува во соопштението со обвинување дека Москва со децении ја користи енергијата како оружје, како и дека уценува и ја поткопува енергетската безбедност.
Во соопштението се додава дека Унгарија би требало отворено да признае дека приоритет ѝ е јакнењето на Русија над ЕУ и САД.
На 1 јануари, Украина одби да го продолжи договорот со Русија за транзит на руски га до Европа, „во интерес на националната безбедност“.