БУГАРСКАТА ТАКСА МОЖЕ И ДА НЕ „СМРЗНЕ“ И ДА НЕ „СТЕМНИ“ - Владата бара чаре, ако нема, струјата и парното ќе поскапат за 20 отсто
Објавено во: Економија 01 Ноември, 2023
Северна Македонија нема да се откаже од барањето да се ослободат капацитетите за пренос на руски природен гас. Исто така, ќе бараме и бугарската такса да не важи затоа што е наметната неправедно и нема ништо заедничко со пазарните принципи и со директивите на Европската Унија, најавува премиерот Димитар Ковачевски и додава дека ако има потреба реакциите ќе бидат испратени и пред меѓународните судови.
Ковачевски вели дека реакциите веќе и ги пренел на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а до соодветните директорати веќе реагирал и министерот за економија Крешник Бектеши.
„И јас и министерот за економија реагиравме во Европската комисија, јас преку претседателката на ЕК, тој преку соодветните директорати дека оваа такса е нешто што не треба да биде воведена, со оглед на тоа што целокупниот капацитет на влезната страна кон С Македонија е даден од страна на Бугарија на ’Газпром’“, рече Ковачевски.
Според премиерот воведувањето на оваа такса во нашата држава ќе предизвика зголемување на цената на електричната енергија и затоплувањето за 20 отсто.
„Побаравме да се ослободи капацитет за да може Северна Македонија да набавува гас од други извори, што нема да биде руски и со тоа нема да биде оптоварен со оваа дополнителна такса. Во моменот се водат разговори и на ниво на Европската Унија и со Бугарија со соодветното министерство за да може ова да биде направено. Минатата година успеавме заедно со Европската комисија и Бугарија да ослободиме капацитет за набавка на гас што не е исклучиво во сопственост на ’Газпром’ и се надевам дека и годинава ќе успееме да го направиме тоа“, додаде Ковачевски.
Минатата недела, министерот за економија Крешник Бектеши рече дека Северна Македонија не ја оспорува таксата која ја воведува Република Бугарија за природниот гас што се испорачува преку нејзина територија, туку ги оспорува количините кои тие ги загарантирале за „Газпром“ во однос на гасоводот со нашата земја.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.