ЦУК: Oд Унгарија со хеликоптер е донесен наш државјанин кој доживеал мозочен удар
Објавено во: Свет 20 Април, 2024
Македонски државјанин кој доживел мозочен удар пред два дена за време на службен пат во Унгарија денеска е превезен со полициски хеликоптер на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК ).
„Конкретно, на 18 април преку Единствениот број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи, а подоцна и преку официјалната електронска пошта на ЦУК и до директорот Стојанче Ангелов, пристигна барање за воздухопловен транспорт од Унгарија до Македонија на болно лице, македонски државјанин, којшто во Унгарија доживеал мозочен удар, па повеќе денови бил во болница во Унгарија, во градот Сегед. Притоа, на барањето е одговорено веднаш и по создавањето услови за безбеден транспорт, тоа е реализирано од страна на Хеликоптерската единица на МВР со хеликоптерот „бел“ 412, во содејство со Министерството за здравство денеска. Инаку, лицето било на службен пат во Унгарија и доживеало мозочен удар, по што веднаш било сместено и оперирано на Универзитетската клиника во Сегед, по што од таму денеска е транспортиран и е сместен на Универзитетската клиника во Скопје“, појаснува ЦУК.
Оттаму нагласуваат дека при ваквите случаи на помагање на граѓаните, полициските хеликоптери, со мали модификации и опремување со специфична опрема, се употребуваат повеќенаменски, односно покрај за гаснење пожари сега се употребуваат и за медицински транспорт.
Инаку, ова е вторпат да се извршува таков вид воздухопловен транспорт од Сегед до Скопје, по првиот пат што успешно се реализираше на 11 април.
Од ЦУК информираат дека на 11 април добиле барање за транспорт на македонскиот државјанин кој бил професионален возач и во Унгарија доживеал мозочен удар, па повеќе денови бил во индуцирана вештачка кома во Унгарија. Него го донесоа во земјава.
Фото: ЦУК