ДА СЕ НАДОМЕСТИ НЕМАТЕРИЈАЛНАТА ШТЕТА НА ЈАНКУЛОСКА: Еве што изјави нејзиниот адвокат
Објавено во: Македонија 13 Јануари, 2025
Одбраната на екс министерската за внатрешни работи Гордана Јанкуловска задоволна од ослободителната пресуда за случајот со уништувањето на опремата за прислушување во УБК. Јанкуловска, според адвокатот Влатко Илиевски, кој е сопруг и нејзин бранител, вели дека таа е една од најголемите жртви на прислушкувањето и се надева дека ако „не во кривична постапка, тогаш во граѓанска постапка ќе се утврди кој го вршел прислушкувањето и да се надомести нематеријалната штета која што Гордана Јанкуловска ја има претрпено“.
Илиевски, во изјава за медиумите пред Кривичниот суд во Скопје, посочи дека од она што го слушнале при објавување на пресудата може да се заклучи дека Судот ги прифатил наводите на одбраната дека кај Гордана Јанкуловска воопшто не постоело ниту умисла, ниту намера да се уништи конкретната опрема, а уште помалку да се причини каква било штета на државата и на Министерството.
„Задоволни сме од пресудата, чекаме Апелација да ја потврди истата и понатаму се надеваме дека ако не во кривична постапка, тогаш во граѓанска постапка ќе се утврди кој го вршел прислушкувањето и да се надомести нематеријалната штета која што Гордана Јанкуловска ја има претрпено како една од најголемите жртви на прислушкувањето – изјави Илиевски.
Јанкуловска, посочи Илиевски, немала добиено документација дека се уништува опремата за прислушкување, бидејќи кога е пратен извештајот дека опремата е уништена фактички веќе и не е министер. Таа, според Илиевски, формирала комисија која што имала општ назив.
– Значи комисија која што требало да направи попис, процена и доколку е потребно да се уништи некоја опрема која што е технички нефункционална и неисправна да ја уништи. Меѓутоа, апсолутно не било наведено каква опрема ќе се попишува, а уште помалку дека треба нешто да се уништи. И се однесувало значи за опрема која што била во рамките на целата Управа за безбедност и контраразузнавање – изјави Илиевски.
„Од таа пресуда сме задоволни. Во однос на пресудата за Тони Јакимовски, од она што беше истакнато од страна на Судот, читајќи го диспозитивот на обвинението тоа претставува фактички изворник на самата пресуда, не сме задоволни и во тој дел сигурно дека ќе поднесме жалба – изјави Шврговски.
Кривичниот суд денеска ја објави пресудата за „Тврдина“, делот од предмет за масовното прислушување на СЈО „Таргет-Тврдина“ што не застареа со измените на Кривичниот законик. За злоупотреба на службената положба и фалсификување на исправа, поврзано со уништувањето на системите за следење на комуникацијата во УБК, Судот денеска ги прогласи за виновни обвинетите Тони Јакимовски и Валентина Симоновска, кои беа присутни во судница, како и Горан Грујевски и Никола Бошкоски, екс разузнавачи кои избегаа во Грција, на кои им се судеше во отсуство.
За делата злоупотреба на службената положба и фалсификување исправа обвинетиот Тони Јакимовски беше осуден на една единствена казна затвор од три години, во која се засметува и притворот, обвинетиот Горан Грујевски на една единствена казна затвор од 14 години и шест месеци и обвинетиот Никола Бошкоски на една единствена казна затвор од девет години и десет месеци. Обвинетата Валентинa Симоновска, доби условна осуда со казна затвор од две години, доколку во период од пет години не стори друго кривично дело.