Добивај вести на Viber
Европската бизнис асоцијација на 13 ноември во Александар Палас Скопје, по повод јубилејот 10 години од своето постоење, ќе организира економски форум на која ќе учествуваат највисоки владини претставници, извршни директори од најголемите македонски компании, како и претставници од ЕУ институции и менаџери од повеќе интернационални компании.
Еминентни бизнисмени и политичари ќе земат учество на три панел дискусии: макроекономскиот развој на Македонија, искуствата на странските инвеститори во земјава и трет панел кој ќе биде на тема развој на македонските брендови и нивната конкурентност.
Целта на овој 10-ти јубилеен форум е да се дадат генерални оцени за условите во кои работат македонските компании, како и сугестии за подобрувања на истите, со цел да се подобри нивната конкурентност и развој на целокупната економија.
Европската бизнис асоцијација е независна, неполитичка и непрофитна организација, која реализира активности пред се насочени кон општо добро на целокупната бизнис заедница во Македонија, за генерално подобрување на состојбите во економија. Со своите активности, ЕБА промовира европски вредности, работи на унапредување на предностите на македонската економија, и претставува мост за зајакнување на односите со ЕУ.
Основана пред 10 години, основна цел е идентификација на потребите на македонските компании и правовремена реакција на овие потреби, за што и има воспоставено партнерски однос со Делегацијата на Европската Унија, со Владата на РМ, Стопанските комори и со голем број на други институции и организации од земјава и странство.
„Тенденција на ЕБА е да го стимулира дијалогот преку обезбедување на простор за отворени дискусии за сите релевантни прашања од интерес на Асоцијацијата и нејзините членки. Преку ваквите дијалози и отворени дискусии се потенцираат и пренесуваат искуствата од матичните компании, се споделуваат праксите од различните земји на потекло на членките и се истакнуваат компаративните предности на македонската економија“, смета сегашниот председател на ЕБА Глигор Бишев.
Силата на една организација како ЕБА е во членството и здружувањето на различните искуства, можности, знаења и вештини. Не претставува затворен клуб на привилигирани компании, во спротивно, таа е форум за сите бизнис лидери со еден заеднички интерес – напредок во економските процеси и економијата на Република Македонија, е ставот на Вернер Хенгст од ЕВН.