ЕЛЕКТРОНСКИТЕ АУКЦИИ ВО ЈАВНИТЕ НАБАВКИ ЌЕ СЕ СКРАТАТ ДРАСТИЧНО - се менува Законот, еве што друго се бара
Објавено во: Економија 18 Декември, 2024
Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки денеска е на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Како што се наведува во причините за носење на изменитe и дополнувањата, во законот се вршат одредени интервенции со цел постигање на чекорите планирани со Реформската агенда во рамки на Планот за раст за Земјите од Западен Балкан.
Како дел од Реформската агенда се предвидени повеќе реформи во делот на управувањето со јавните финансии, меѓу кои и реформата - Зајакнување на системот на јавните набавки. Во рамки на оваа реформска заложба се предвидени чекори кои се однесуваат на намалување на користењето електронски аукции и зголемување на користењето на е-Пазарот, и тоа: користењето електронски аукции во постапките за јавни набавки во фискалната 2025 година, да се намали до најмногу 40 отсто од бројот на објавените постапки, со рок за реализација декември 2025 година и Електронскиот пазар за набавки од мала вредност да се користи за доделување на најмалку 800 постапки (договори за јавни набавки), со рок за реализација декември 2026 година.
Во делот на Државната комисија за жалби по јавни набавки, се предвидува зајакнување на капацитетот со дополнителни два члена. Условите за избор и именување во основа нe се менуваат, освен што се дополнуваат основите за разрешување во случај на членување во органи на политичка партија на претседателот или членот на комисијата, како и поради незаконско или нестручно вршење на должноста, со што се сака да се зајакне одговорноста, независноста и интегритетот на членовите и претседателот при вршење на нивната должност.
За законот, кој се носи во редовна постапка, деновиве има повеќе реакции.
Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации смета дека треба сериозно да се размисли за повлекување на измените на Законот за јавни набавки и да се спроведе широка јавна расправа која треба да донесе поквалитетна контрола на јавните набавки.
- Предложените измени во кои се намалува контролата на јавните набавки сметам дека е контрадикторно на она на што сведочиме сега, а тоа е доказ дека една од најпогодените области од корупција во нашата земја се токму јавните набавки. Оттука сметам дека треба сериозно да се размисли околу предложените измени, да не речам во најголем дел и да се повлечат и да се отвори една широка јавна расправа во однос на тоа доколку треба да се подобрува контролата во јавните набавки како тоа да се направи квалитетно, а не да се оди кон нејзино укинување што апсолутно не е на линија на засилување на борбата против корупцијата во јавните набавки - вели Факиќ.
За тоа што може да се направи околу намалување на концентрацијата на мал број на фирми коишто ги добиваат тендерите, мерка која е побарана и од Светска банка во најновиот извештај, Факиќ смета дека се потребни системски мерки и поголема комуникација на институциите со бизнис секторот.
Претходно реагираше и Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата која укажува дека предложените законски измени со кои се укинува управната контрола на јавните набавки што ја спроведува Бирото за јавни набавки се сериозно уназадување на заштитата од корупција во услови кога според оценките на сите релевантни меѓународни и домашни чинители корупцијата во јавните набавки е широко распространета.
Претходно пратениците кои се предлагачи на Законот имаа средба со претседателката на Антикорупциската комисија Татјана Димитровска, со која е договорено комисијата да изготви анализа и мислење во врска со Законот за јавните набавки и да го достави до пратениците.
Опозицијата реагираше дека измените се носат по скратена постапка, но за нив исто така е спорно и укинувањето на управната контрола на Бирото за јавни набавки.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.