Eвропа се затвора, а македонскиот текстил повторно во криза
Објавено во: Економија, Корона Вирус 04 Февруари, 2021
Во дел од европските земји повторно има рестриктивни мерки поради ширење на новите мутации на коронавирусот, состојба од која штети трпи и македонскиот текстил.
Нови нарачки нема, и оваа 2021 година се очекува дури и дека ќе биде полоша од 2020 година, иако првично се очекуваше стабилизација. Македонскиот текстил завршува на пазарите во Германија, Австрија, Швајцарија и мал дел во Франција, така што работата зависи од тоа како таму ќе се развива ситуацијата со пандемијата. Маријана Перковска од Текстилниот кластер објаснува дека фирмите веќе се погодени, и оваа 2021 година ќе биде пресудна за нив, дали ќе опстанат или ќе пропаднат.
„Апсолутно фирмите се погодени, и немаат нови налози, така што работата кај некои е на 30 отсто. Ќе бидат во криза и малите и големите компании, но дури мислам дека на големите текстилни компании ќе им биде потешко затоа што за нив е потребно да имаат поголем обем на работа. Сега е тешко компаниите да работат, но и да затворат, затоа што по закон ќе треба да дадат отпремнина. Текстилните фирми сега не знаат како ќе исплатат плати, струја и други трошоци. Состојбата не да е алармантна, тука е страшна. Стабилизација може да се очекува дури во втората половина на годината, во јули, август, септември“, вели Перковска.
Ако се оствари „црното сценарио“ многу фирми ќе заминат во стечај. Домашниот пазар не може многу да им помогне на компаниите, затоа што во време на пандемија потрошувачката е намалена.
„Домашниот пазар скоро и да не може да помогне, затоа што побарувачката е падната, и куповната моќ е намалена. Луѓето добија картички, но со тие пари првенствено купуваат храна“, рече Перковска.
Фактот дека се ограничени патувањата, многу работници работат од дома, нема прослави, свадби, придонесува граѓаните да купуваат помалку облека. Според Петковска, државата може да помогне со субвенции за плати, за да фирмите ги задржат вработените. Пред да почне пандемијата текстилниот сектор во државата броеше околу 35.000 работници, но сега таа бројка најверојатно е намалена.
Граѓаните од земји кои не се членки на Европската Унија, кои патуваат од каква било причина во ЕУ при влез ќе мора да покажат негативен ПЦР тест не постар од 72 часа, ова е препораката која ја усвои Советот на Европската Унија. Освен тоа, за овие лица можен е и карантин во период од 14 дена, како и следење на нивните контакти. Чешка се затвора за странци, а Франција за граѓани од земји кои се надвор од ЕУ. Италија има забрана за патување од регион во регион, и ова важи за регионите кои се во „црвена зона“.
Сања Атанасовскаfoto freepik
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.