ИМА ОТПУШТАЊА ОД РАБОТА И ПОКРАЈ ДРЖАВНАТА ПОМОШ - во октомври и ноември близу 4.000 нови невработени
Објавено во: Економија 25 Декември, 2020
И покрај мерката за помош на компаниите за исплата на плати на своите вработени, сепак, во октомври и во ноември имало отпуштања од работа, покжуваат податоците на Агенцијата за вработување.
Како што говорат бројките, во ноември годинава бројот на невработени достигнал 155.218 граѓани, што е зголемување за еден месец за 1.419 лица. Додека, пак, во октомври се регистрирани 2.440 нови неврабтени, ако се има предвид дека на крајот на тој месец бројот на невработени лица изнесувал 153.799, наспроти 151.359 невработени колку што биле пријавни во Агенцијата на крајот на септември. Или, за октомври и ноември има вкупно 3.859 регистрирани новоневработени лица во земјава.
Сепак, надлежните уверуваат дека не сите нови невработени се последица на отпуштања поради ковид кризата. Односно, и во официјалната статистика на Агенцијата за вработување се нагласува дека заклучно со крајот на ноември, се евидентирани 16.381 невработени лица по основ на корона кризата, и тоа почнувајќи од 11 март годинава, кога беше прогласена пандемијата.
Како што е познато, Владата во два наврати им доделува на фирмите помош за исплата на плати, со цел и покрај тешкотиите предизвикани од корона кризата, да успеат да ги задржат своите вработени. Прво таква мерка имаше за месеците април, мај и јуни, по што таа прекина, и токму во месеците потоа, односно јули, август и септември, беа регистрирани и најголем број отпуштања. Втората мерка за помош на исплата на плати беше предвидена со четвртиот владин сет на економска помош, со која се предвиде финансиска поддршка за фирмите од 14.500, па се до 21.776 денари, зависно од падот на нивните приходи.
Неодамна министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска изјави дека една од причините за големото зголемување на бројот на пријавени невработени граѓани, е и тоа што еден дел од младите се пријавиле во Агенцијата за вработување за да ја добијат финансиската поддршка од економскиот пакет на антикризни мерки, но и поради тоа што не можат да заминат на работа во странство.
„Дополнително кога владата ги носеше пакетите за финансиска поддршка, ние имаме прилив на голем број на млади кои аплицираа да добијат, прво финансиска поддршка, а дополнително за да влезат во проектот Гаранција за млади, односно младински додаток. Тоа се мерки кои владата ги презема, а за да може да ги користат тие права, тие дополнително се пријавија повеќе. Уште еден момент кој го зголеми бројот на невработени е тоа што голем дел од нашите граѓани коишто престојуваа во странство, а кои заради пандемијата се вратија во државата и останаа, почнаа да се пријавуваат во Агенцијата за вработување, со една единствена цел да имаат пристап до онаа финансиска поддршка што државата ја даваше во вид на ваучери, а сега директна финансиска помош која изнесува 6.000 денари за купување на македонски производи. Реалната бројка на граѓани кои останале без работа заради пандемијата е оваа бројка од 15.800“, изјави тогаш Шахпаска, пред да излезат и најновите бројки на Агенцијата и за ноември, а со кои сега таа невработеност се зголеми на 16.381 лице.
Министерот за економија, пак, Крешник Бектеши, има поинаков став, односно изјави дека не верува дека дијаспората ја зголемила невработеноста. Но, и тој посочува на граѓаните кои биле дел од сивата економија и почнале да се пријавуваат како невработени за да користат дел од антикризните мерки.
„Не сум видел такви анализи дека нашите граѓани кои живеат надвор го зголемиле бројот на невработени“, изјави Бектеши.
Инаку, дел од газдите и со четвртиот сет мерки покажаа дека и покрај државната помош, не им исплатија плати на работниците. Во октомври такво поведение покажаа 179 газди, а извисија 338 работници. Односно, наместо за плати кај работниците, дури 86 илјади евра државна помош завршија кај нивните работодавачи, кои ги задржаа на своите сметки.
Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, вчера рече дека кај дел од газдите кои зедоа државна помош, а не ги исплатија платите за октомври, Управата веќе извршила присилна наплата, односно сметките им биле блокирани и им биле одземени средствата. Дали тоа значи дека платите им се веќе исплатени во форма на плати на работниците кои извисија, нема прецозен одговор.
„Кај сите компании кои се покриени злоупотреби
ќе има прекрочни пријави и според Законот за финансиска помош, но и според
законот за придонесите“, рече Лукаревска.
Таа нагласи дека кај одредени компании кои зедоа помош а ги извисија работниците за плати, биле пуштени опомени, а кај одредени веќе се врши и присилната наплата.
„Некаде веќе е извршена присилната наплата, односно се блокирани сметките и им се одземени тие средства, а некаде сме уште во фаза на преземање на дејствија за присилна наплата“, обелодени Лукаревска.
Во ноември барања за државна помош за исплата на плати доставиле 13.851 компанија, и тоа за 65.537 работници, а со вкупно барање за државна помош од 16,6 милиони евра.
Нина Нинеска-Фиданоска* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.