Добивај вести на Viber
Следната година од градската каса ќе се издвојат вкупно над 5,1 милион евра за субвенции за Јавното сообраќајно претпријатие, ЈП Градски паркинг и ЈП Улици и патишта.Најмногу субвенции се планирани за ЈСП Скопје или скоро 4,9 милиони евра. Ова претпријатие од Градот Скопје ќе добие финансиска помош за неколку ставки.
- Потешкотии во работењето, 1.788.617 евра
- Набавка на опрема за имплементација на АЛВ и систем за интелигентна наплата,975.609 евра
- Функционирање на АЛВ и систем за интелигентна наплата, 813.008 евра
- Бесплатен превоз на возрасни лица (над 62 години старост за жени и над 64 години старост за мажи) во вторник, петок, сабота и недела и бесплатен превоз на редовни студенти додипломски студии од државните универзитети,1.138.211 евра
- Набавка на урбана опрема – автобуски настрешници, 178.861 евра
Од Градот Скопје образложуваат дека субвенции се даваат со цел да се подобри јавниот превоз во главниот град.
-Уште од 2008 година, Советот на Град Скопје, започна да го субвенционира ЈСП „Скопје“ – Скопје, а согласно на прифатените препораки на Меѓународната асоцијација за патен транспорт (ИРУ), како и Меѓународната асоцијација за јавен транспорт (УИТП), каде е посочено дека субвенционирањето на јавниот превоз, а посебно кај јавните транспортни претпријатија е пракса која постои во речиси сите градови во Европа. Согласно на Одлуката за линиски превоз на патници и нејзините измени, субвенциите кои се наменети за ЈСП „Скопје“ - Скопје индиректно ќе бидат наменети и за приватните превозници со Дозвола, бидејќи оваа година, Град Скопје за прв пат го имплементира и концептот исплата на изминат километар, стои во образложението.
Дополнително на ЈСП Скопје Градот ќе му донира од задолжителните резерви и 185.00 литри нафта, за акцијата “Ден на дрво-засади ја својата иднина”. Годинава ЈСП Скопје од Градот доби субвенции во износ од 3,9 милиони евра. Најголем дел парите се наменети за надминување на тешкотиите во работењето, за воведување на системите за автоматска локација на автобусите и за електронска наплата, за нови постојки и за бесплатниот превоз на возрасните лица. Според инвестиционата програма, ова претпријатија ја превзеде и обврската за изградна на Панормаското тркало вредно 18 милиони евра . Дел од парите претпријатието ќе ги обезбеди преку донации, субвенции и со сопствени средства.
Јавното претпријатие Градски паркинг од Град Скопје следната година ќе добие субвенции во износ од 162.601 евра. Субвенциите се наменети за набавка на велосипеди и пунктови за изнајмување, а причината е зголемениот интерес за изнајмување на велосипеди.
-Градот Скопје во соработка со ЈП Градски паркинг за прв пат оваа година ќе набават и воведат велосипеди и пунктови за велосипеди за самоизнајмување. Придобивки од усвојувањето на одлуката - намалување на загадувањето на животната средина поради користењето на велосипеди, намалување на бучавата како и намалено користење на автомобилите како последица на замена на автомобилите со велосипеди, промоција на велосипедот како превозна средство, стои во образложението од Градот.
За ЈП Улици и Патишта следната година од градската каса по основ на субвенции се планирани скоро 98 илјади евра. Финансиската помош е наменета за покривање на оперативните трошоци за функционирање на Центарот за управување и контрола на сообраќајот (ЦУКС).
- Придобивките се во тоа што Јавното претпријатие Улици и патишта ќе може да врши прибирање на податоци за сообраќајот во реално време 24 часа седум дена во неделата, ќе може да управува семафорскиот систем односно светлосните сигнали односно семафорите може да се исклучат или да се префрлат да работат на жолто трепкаво светло од самиот Центар, ќе може да ја следи работатата и состојбата на светлосните сигнали во реално време, ќе може визуелно да го набљудува сообраќајот како и да ги информира возачите за состојбата на патиштата преку знаците со променлива содржина, се посочува во соопштението од Градот.
Дополнително се предвидени блзу 179 илјади евра субвенции за вработување на 180 лица во ЈП Кумунална хигиена и во ЈП Улици и Патишта, од кои дел ќе бидат сезонски вработувања.За предлозите за субвенциите за овие јавни претпријатие, градските советници ќе расправаат на денешната седница.
Лани сите јавни претпријатија биле во добивка, само ЈП Градски паркинг во загуба
Според финансиските извештаи на претпријатијата што работат под капата на Град Скопје, Јавното претпријатие Градски паркинг е единственото градско претпријатие кое минатата година ја завршило со загуба. Ова претпријатие, лани генерирало загуба од околу 174 илјади евра, што се како што посочија од претпријатието се должела на обврската за плаќање комунална такса од 10 и имплементација на еко проектите Изнајмување на велосипед, електромобил и електровелосипед.
Р.Ф