ИНСПЕКТОРИТЕ НА ТЕРЕН, ЦЕНИТЕ ПОД ЛУПА: Поевтинуваат ученичките материјали, но книжарниците негодуваат
Објавено во: Македонија 05 Септември, 2024
Инспектори на Државниот пазарен инспекторат од утринава се на
терен, проверуваат дали трговците ги усогласиле цените на
ученичкиот прибор откако е
донесена новата владина одлука за ограничување на
профитните маржи. Директорот на ДПИ, Горан Трајковски, уште вчера апелираше до
сите трговци да ги почитуваат новите правила, а граѓаните да пријавуваат
неправилности доколку забележат неусогласеност во цените.
Инспекциите ќе се спроведуваат согласно Законот за трговија и рамките на новата владина одлука, која е во сила до 20 октомври 2024 година.
„Инспекторите се задолжени за контрола на цените утврдени со Одлуката, но немаат ингеренции да се мешаат во процесот на формирање на цените,“ истакна Трајковски. Тој порача дека за прекршување на одлуката ќе следат парични казни во висина од 800 до 10.000 евра, во зависност од големината и типот на трговецот.
Меѓу производите на кои ќе се однесува оваа мерка се: тетратки, ранци, боици, фломастери, пластелин, подлоги, маркери, мрсни и акрилни бои, водени бои, линеари, острилки, гуми за бришење, четки, шестари, дигитрони и други додатоци потребни за учениците.
Владината одлука предвидува највисоката трговска маржа за производите да биде до 5% во трговијата на големо и до 10% во трговијата на мало, мерка што се очекува да донесе значително олеснување на семејните буџети во периодот пред почетокот на новата учебна година.
Книжарниците незадоволни, родителите очекуваат олеснување
И додека многу родители со нетрпение го очекуваат поевтинувањето на ученичкиот прибор, трговците и книжарниците не се воодушевени од владината одлука. Тие сметаат дека намалувањето на профитните маржи ќе влијае на нивната способност да покријат основни трошоци, особено во услови на покачени трошоци за увоз и логистика.
„Оваа мерка ни создава голем притисок. Цените на увозните производи се веќе високи, а со ова ограничување на маржите нема да можеме да одржиме стабилен профит, велат од една приватна скопска книжарница.“
„Сите наши производи беа набавени пред да се воведе ограничувањето на маржите, а ние имаме постојани трошоци кои не се намалуваат – ќирија, плати, даноци и придонеси. Сметаме дека е нефер да се наметнува ваква регулација во секторот кој е подложен би рекла на сезонско работење. Заработката што ја правиме во септември е клучна за да ги покриеме периодите кога побарувачката е многу пониска. Дполнителен предизвик е конкуренцијата од маркетите кои продаваат сличен ученички прибор по ниски цени, што дополнително го намалува просторот за профит кај малите книжарници.
Родителите, пак, ја поддржуваат мерката и веруваат дека ќе донесе значителна заштеда во нивните семејни буџети.
„Со оглед на високите цени на ученичките материјали, оваа одлука, иако е малку задоцнета, сепак може да ни помогне да ги намалиме трошоците, вели Слободанка В., мајка на ученик во 6 одделение.
„Најголемото оптоварување го чувствувавме кога требаше да купуваме материјали за ликовно образование. Цените на акрилните бои, темперите и другите прибори беа навистина високи. Имаме две ќерки, едната е во основно, а другата во средно училиште, и за среќа часот по ликовно им е во различни денови, па го делат истиот прибор. Но, дури и со тоа, трошоците се значителни,“ вели родителот, посочувајќи дека оваа мерка ќе им олесни во следниот период.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека мерката „Помалку трошоци – повеќе за тебе“ е дизајнирана за да помогне на семејствата и најави продолжување на оваа кампања со други мерки.
Анита Буховски