„ИЗГОВОР - ТИЕ ИМАЛЕ НАЈНИСКИ ПЛАТИ“: Левица бара одговорност за работењето на АД Пошта
Објавено во: Македонија 18 Ноември, 2024
По објавата на ревизорскиот извештај и масовното ширење на информациите дека „Македонска пошта“ иако се заглавени во долгови, вработените работат за минималец, а директорите си ги зголемиле платите од 40 до 60 отсто, денеска бурна реакција и од опозициската „Левица“. Од пртијата велат „владите на ДПМНЕ и СДС, водени од лични и лукративни интереси, намерно раководат лошо со „Македонска пошта“ со цел пропаст на државната институција и нејзино приватизирање“.
- За ваквите постапки мора да следат соодветни санкции, предвидени со закон, но и политичка одговорност, во спротивно нема да се превенираат намерните злоупотреби во иднина, што ќе доведе до тотален крах на институцијата.
Последната злоупотреба е со зголемување на платите на екс-директорката - Бујаре Абази и нејзиниот заменик додека вработените се борат со нередовни примања, несоодветни услови за работа, слаба поддршка и ресурси, што е противзаконски и морално неприфатливо - потенцираат од партијата.
Додаваат дека таквиот потег не само што е во спротивност на Законот за трговски друштва, туку е посебно скандалозен во време кога поштенскиот сервис се соочува со сериозни финансиски проблеми, недоволно модернизирани и неквалитетни услуги, прогресивно опаѓање на довербата кај корисниците, но и се јавува како еден од најлошите работодавачи во државава.
- Особено загрижува фактот што актуелниот директор Орхан Куртиши, кадар на Алтернатива, гледа оправданост во зголемениот процент на платата на неговите претходници! Неговиот изговор е дека тие имале најниски плати споредено со директорите во другите институции. Ова оправдување на постапките на Абази од страна на Куртиши е јасен показател дека ни актуелниот менаџмент, како и до сега, не е загрижен за бездната во која е втурната „Пошта“.
Левица повикува на одговорност и ревизија на работењето на раководните лица не само во Македонски шуми туку во сите јавните сервиси. Потребна е поголема транспарентност, ефикасност и отчетност, со цел да се гарантира дека ресурсите се користат за интересот на граѓаните и општеството, а не за лични придобивки - се нагласува во соопштението.