„ЈАС ЛИЧНО ДАВАВ ПАРИ НА ДОКТОРКАТА“: Уште едно срцепарателно сведоштво за искуствата на Онкологија
Објавено во: Македонија 09 Септември, 2023
Одмотувањето на „клопчето“ наречено Онкологија на површина извади бројни сведоштва од пациенти кои се мачеле или се уште се мачат да стигнат до терапија и до прием на клиниката.
Едно такво сведоштво е споделено на Фејсбук групите, каде беше објавено, дека ќерка давала мито на докторката на Онкологија која била задолжена за водење на нејзината мајка. Таа потоа раскажува дека сите кои ја посетуваат клиниката даваат мито, било да е тоа во пари или пак во разни подароци.
- Јас лично на докторка ѝ дадов 250 евра мито, за да ја гледа мајка ми подобро на Клиниката за онкологија. Никогаш не ме одби. И сите што чекаат некаков ред таму, нешто даваат. Доаѓаш во канцеларија и даваш. Најнормално. Докторке еве да се почастите. Педесет, сто евра ѝ имам дадено во замена да ми ја гледа мајка ми, да ѝ препише терапија, зашто мајка ми секогаш ми велеше ‘се утепа давајќи пари, а јас сепак ќе умрам‘. Секоја втора, трета контрола кога ќе ѝ паднеше на мајка ми крвта, давав пари. На докторите им носат канти сирење, скапи подароци и скапоцен накит. Јас не ги давав обележани парите, бев на голема мака. Мајка ми ми беше се во животот - стои во објавата.
Нејзината објава предизвика лавина реакции, од кои дел ја осудија за давањето мито и порачаа дека така се прави штета на оние кои немаат пари. Но, имаше и такви кои ј повикаа своето сведоштво да го сподели во ОЈО или во МВР, за да добие и судска разрешница, а не анонимно да постора по Фејсбук.
Меѓу коментарите имаше и сведоштва кои го кажаа спротивното. Поточно го раскажаа своето пријатно искуство на клиниката за Онкологија, каде оделе често за да примаат терапија и каде никогаш не дале мито, ниту пак им било побарано од било кого.
Фото: Вангел Тануровски