ЌЕ ДОЗНАЕМЕ ВО ЈАНУАРИ КОЛКУ СМЕ И КАКВИ СМЕ - првиот човек на ДЗС ги очекува резултатите од пописот за четири до пет месеци
Објавено во: Македонија 04 Септември, 2021
По 20 години во државата, од утре се спроведува попис на население и објекти. Првпат освен прибирање на податоци директно од населението на терен, ќе се користат и податоци од таканаречената Претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваат сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.
„Протоколот што е подготвен за спроведување на Попис во време на пандемија со Ковид-19 е многу строг и прецизен. Нашите попишувачи се запознаени со Протоколот, веќе им се распределени заштитени маски КН95 и средства за дезинфекција и точно знаат како треба да се однесуваат и што треба да направат при влегување во едно домаќинство. А тоа е: правилно да ја носат маската, да побараат од домаќинот, доколку не носи маска, да стави маска, да ги дезинфицираат рацете пред да влезат во домот како и лаптопот со кој ќе го вршат попишувањето и доколку попишувањето се врши во затворен простор, да замолат да се отворат прозорците и распоредот на седење да биде со задолжителна дистанца од најмалку 2 метра. Секаде каде што дозволуваат условите се препорачува попишувањето да се спроведува на отворен простор и мислам дека временските прилики ќе ни го дозволат тоа“, вели Симевски.
Според него, за секој од 50-те пописни реони е предвиден оптимален број на попишувачи.
„Но, тоа не значи дека и со помал број не може да се заврши работата. Во моментов, само за неколку пописни реони ќе се ангажираат лица според одлуката на Владата, а во другите реони има доволен број на попишувачи кои ефикасно и успешно ќе ја завршат својата обврска. Впрочем, овој пат Пописот трае 25 дена што е доволен период за целосен опфат на населението на целата територија на државата“, објаснува првиот човек на ДЗС.