01 Ноември, 2024
0.0278

Ќе има ли војна за Тајван кога веќе ништо не е невозможно – Анализа со Ранѓеловиќ

Објавено во: Македонија 24 Август, 2022

Добивај вести на Viber

Можна ли е сеопфатна војна меѓу САД и Кина откако конгресменката Ненси Пелоси и покрај предупредувањата го посети Тајван. Кинеската армија спроведува големи воени вежби и демонстрира сила околу самоуправуваниот остров, но какви ќе бидат следните потези на Американците, можни ли се нови провокации и инциденти кои би довеле до судир.

Анализираме со Иво Ранѓеловиќ, политиколог и економист кој дипломирал на Бостонскиот универзитет, а магистрирал политички науки на Универзитетскиот колеџ Лондон.

По воената инвазија врз Украина речиси и да не постои нешто во меѓународните односи што повеќе не се смета за „невозможно“, па дали и сега може да очекуваме таков вид на расплет на настаните?

„Пред да одговорам би сакал да констатирам дека посетата на Тајван од страна на Ненси Пелоси нема причинско-последична врска со евентуална инвазија од НР Кина врз Тајван, колку и тоа да звучи чудно. Стратегијата која официјален Пекинг ја развива низ децении кон Тајпеј е имуна на вакви провокации (доколку ја категоризираме посетата како провокација). Денес може да прочитате секакви аргументи кои произлегуваат од постојните состојби, а укажуваат на тоа дека веројатно војна нема да има“, смета Ранѓеловиќ.

(Нов) центар на светот

„Јас ќе понудам една друга суштина на која се повикувам секогаш кога станува збор за Кина и кинеската политика. За разлика од Америка (или САД ставени во поширок контекст), Кина низ историјата на себе гледала како територија која е центар на светот, Средното Кралство, чии вредности се амблемни за нејзиниот развој и никогаш не можат да бидат практикувани од друга земја или народ“, вели Ранѓеловиќ.

Според него Америка за разлика од Кина, смета дека вредносниот свет во кои живеат нејзините граѓани е најдобар, најисправен и е од универзален карактер. Ваквото нормирање значи дека секоја земја, општество и/или индивидуа би требало да ги прифати овие вредности.

„Токму под премисите на оваа идеја, Америка се впушти во бројни воени зафати изминатите шест децении, додека Кина не војувала ниту еднаш (исклучок е делумната интервенција во Виетнам во 1979 година). Би поентирал со фактот дека стратешкиот ориентир на Кина никогаш не бил инвазија врз Тајван, туку мирно обединување. Кина не е експанзионистичка сила и секој спротивен потег сноси огромна загуба во нејзиниот политички капитал. Актуелната политика на САД е свесна за ваквата генеза на кинеската политика. Забораваме и дека САД не го признаваат Тајван како независна држава, односно го повлекоа признавањето во период кога статусот на супер сила сѐ уште не го красеше педигрето НР Кина. Затоа погрешна е перцепцијата дека посетата на Пелоси е провокација, напротив, таа претставува интерес“, потенцира Ранѓеловиќ.

Дали САД се враќа на позициите пред Трамп во југоисточна Азија? Колку потезите кои претходниот американски претседател ги влечеше во поглед на традиционалните сојузништва и партнерства ги разнишаа САД како единствена и доминантна велесила во регионот, дали тоа Пекинг го искористува на сличен начин како што Путин реши да ја нападне Украина. Зошто токму сега доаѓа до најголема криза во односите меѓу Вашингтон и Пекинг?

Една одлика на владеењето на Трамп во однос на надворешната политика на САД е дека тој ја конзервираше пасивноста на САД на глобалната сцена, особено кон Европа и Пацификот. Не само што ваквиот потег создаде вакум за влез на други влијанија, туку и ја разводни довербата на многу сојузници на САД. Погледнете ја реакцијата на премиерот на Јужна Кореа за доаѓањето на Ненси Пелоси во Сеул. Доаѓањето пак на Бајден значеше и најава за репозиционирање на САД на глобалната политичка сцена, но тоа не одеше така глатко. Доволно е само да го опсервираме бројот, па и структурата на земји кои не ја изгласаа резолуцијата на ООН со која се осудува инвазијата на Русија врз Украина.

Сепак, според Ранѓеловиќ главната причина за падот на Американскиот хегемонизам не е ниту Трамп, ниту Бајден. Либерализмот, безрезервно прокламиран од Западот, заглави во своите ветувања и не донесе подобро утре за поголемиот дел од земјите во светот, особено на земјите од Јужната хемисфера.

„Кина (и Русија) го искористува, при тоа легитимно, овој момент, повикувајќи се на сентиментот кој тлее во народите жртви на глобализмот и колонијализмот со цел да понудат алтернатива на американското присуство, но не толку и на американскиот вредносен систем. Оттаму произлегува кулминацијата во кризата на односите помеѓу САД и НР Кина. Би подвлекол и дека ова сценарио е сосема различно од она во Украина, каде практичниот интерес на САД е минорен. Во случајот со Тајван, политиката на САД гледа дирекна закана на територијалниот интегритет на земјата бидејќи пад на Тајван ќе значи отворена врата кон физичките граници на САД, настрана симболиката која ќе го закопа посточкиот светски поредок чиј лидер е токму Америка“, вели Ранѓеловиќ.

Што би значеле овие нови шаховски потези на глобалната геополитичка карта за Западен Балкан, и конкретно за земја како Македонија, во која особено САД и западните сојузници предупредуваат дека постојат обиди за зголемување на влијанието од страна на Кина.?

„Македонија веќе ги осеќа ваквите динамики, а најсвеж пример е токму наметнатиот предлог за решавање на спорот со Бугарија. Не го нареков “Француски” бидејќи таквиот термин ограничува, а со тоа и е неадекватен. Сојузници е пак многу охрабрувачки термин, кој не замајува со цел да заборавиме дека во прв план на било кој наш сојузник е интересот. Не постои сила на светов која е загрижена за тоа дали во македонските учебници по историја Гоце Делчев и Цар Самоил се Македонци или Бугари, се додека Македонија гравитира кон нивната оска на интерес, било тоа ЕУ, Москва, Вашингтон или Пекинг.

Ранѓеловиќ смета дека под такви околноности и под услови кога Македонија не е во состојба да влијае врз светските политики, потребна е максимална прагматичност.

„Тоа значи да се извади најдоброто од секоја опција, без да се резонира дека не постојат алтернативи. Затоа во Македонија многу лесно се станува политичар, но многу тешко државник“, вели тој.

Колку економската поврзаност и зависноста од кинескиот увоз ја прави малку веројатна воената конфронтација, но и која е крајната придобивка на САД од присуството во Тајван?

„Конкретно кинеската економија е во стагнација во однос на предвидениот раст. Како надоврзување, ниту еден лидер на НР Кина не би ризикувал воен конфликт во пресрет на 20-тиот конгрес на Комунистичката партија на НР Кина. Исто така, САД и Кина се две економии со веројатно најголема меѓусебна зависност на планетава, квалитативно речено. Војна е најнеисплатлива алатка во денешната политика, но е ефективна за задоволување на националистички цели и опстанок на власт. Кинеската политичка елита не се наоѓа под таков притисок“, вели аналитичарот.

Од друга страна, САД се жедни во својот поход кон повторно присуство и наметнување на светот, но не во својство на агресор. Свесни дека тежиштето на геополитиката се поместува длабоко кон истокот, САД го поддржа и формирањето на “QUAD” со што го стегна обрачот околу Кина, а претходно ги повлече и своите трупи од Авганистан.

„Тајван пак влече голема симболика и во проектирањето на демократијата, како и фундамент на институционализмот во постојниот поредок. Лесно е да ја пуштите Украина низ вода кога цела Европа ја имате на дланка, но тешко е да го испуштите Тајван кога сојузништвото со големите сили во Пацификот ви е на стаклени нозе“, заклучува Ранѓеловиќ.

По речиси тригодишна пандемија со Ковид-19, најголемата војна на тлото на Европа во последните декади, и новите тензии на Пацификот, се чини дека глобалниот поредок уште долго ќе биде во турбуленции, што со себе носи бројни економски и безбедносни предизвици. А, тие и како држава и како поединци ги чувствуваме се повеќе и се поинтезивно. 

Х. С.

Можеби ќе ве интересира

КОЦЕ ТРАЈАНОВСКИ СЕ ПОФАЛИ И ПОКАЖА УШТЕ ЕДЕН ПАТ: Готова е втората делница од патот Крива Паланка-Длабочица, ќе се скрати патувањето до нашиот источен сосед

КОЦЕ ТРАЈАНОВСКИ СЕ ПОФАЛИ И ПОКАЖА УШТЕ ЕДЕН ПАТ: Готова е втората делница од патот Крива Паланка-Длабочица, ќе се скрати патувањето до нашиот источен сосед

ДВА КИЛОМЕТРИ АВТОПАТ ПОЧНУВААТ НИГДЕ И ЗАВРШУВААТ НИГДЕ, ВО ДУПКА: Николоски откри кој е криминалот за автопатот Скопје-Блаце

ДВА КИЛОМЕТРИ АВТОПАТ ПОЧНУВААТ НИГДЕ И ЗАВРШУВААТ НИГДЕ, ВО ДУПКА: Николоски откри кој е криминалот за автопатот Скопје-Блаце

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Се одржа седница за пратенички прашања, опозицијата и власта си разменија остри зборови

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Се одржа седница за пратенички прашања, опозицијата и власта си разменија остри зборови

ПИСОНЕРО: Сите политички сили во Македонија да се обединат за да се спроведат уставните измени

ПИСОНЕРО: Сите политички сили во Македонија да се обединат за да се спроведат уставните измени

АДВОКАТИТЕ НА ОБВИНЕТИТЕ ТВРДАТ: Христијан Пендиков не бил тепан зашто се чувствува како Бугарин

АДВОКАТИТЕ НА ОБВИНЕТИТЕ ТВРДАТ: Христијан Пендиков не бил тепан зашто се чувствува како Бугарин

ТОШКОВСКИ ДО ОПОЗИЦИЈАТА: Вие 300 пати ми побаравте оставка

ТОШКОВСКИ ДО ОПОЗИЦИЈАТА: Вие 300 пати ми побаравте оставка

АПАСИЕВ ПРАША ЗА ПРИЗНАВАЊЕТО НА ПАЛЕСТИНА: Mицкоски повика на мир во Газа, Украина и секаде во светот

АПАСИЕВ ПРАША ЗА ПРИЗНАВАЊЕТО НА ПАЛЕСТИНА: Mицкоски повика на мир во Газа, Украина и секаде во светот

„ПАДНА“ ОДЛУКА: Уставниот суд ја поништи одредбата за верски обреди во армијата

„ПАДНА“ ОДЛУКА: Уставниот суд ја поништи одредбата за верски обреди во армијата

ГРАЃАНИТЕ ДОБИВАЛЕ ПОРАКИ ДЕКА СЕ ПРЕДМЕТ НА ПРАВНИ ПОСТАПКИ: Измами во име на МВР, внимавајте

ГРАЃАНИТЕ ДОБИВАЛЕ ПОРАКИ ДЕКА СЕ ПРЕДМЕТ НА ПРАВНИ ПОСТАПКИ: Измами во име на МВР, внимавајте