ЌЕ СЕ НАМАЛУВА НАДОМЕСТОКОТ ЗА ЕЛЕКТРОНСКИ ОТПАД – Се предлагаат измени на законот, се бараат и други промени, еве ги деталите
Објавено во: Македонија 28 Ноември, 2023
Намалување на давачката за собирање на електронски или електричен отпад се предлага со измените на Законот за управување со електрична и електронска према и отпадна електрична и електронска опрема, кои веќе се во Собрание. Станува збор за предлог измени поттикнати од пратениците Арбер Адеми, Бедри Фазли и Вјолца Адеми, сите од владејачата ДУИ. Според нив, со измените понудени се решенија кои овозможуваат практична примена на постоечките одредби од Законот во делот кој го уредува надоместокот за управување со отпадната опрема за производителот кој пушта опрема на пазарот, како и производителот кој увезува опрема.
- Сметаме дека со предлог измената ќе се постигнат целите на Законот на многу поефикасен начин. Кај правните лицa значително ќе се зголеми мотивот за целосна и доследна примена на одредбите, во насока на заштита на животната средина од негативното влијание и последици кои ги создава електронскиот отпад. Со измената се настојува да се постигнат стандардите присутни во Земјите од регионот како и во Европска Унија. Имено, во рамките на ЕУ постојат два таргети кои земјите ги поставуваат да бидат постигнати по извесен временски период и тоа 45 или 65 проценти. Сметаме дека стандардот од 65 отсто треба да биде задржан како крајна цел за Македонија, но, истиот е нереално да биде постигнат за 4 години – објаснуваат предлагачите.
Според нив, усвојувањето на измените би придонело кон намалувањето на утврдените цени по килограм за сите шест категории на електронска опрема, што ќе значи големо финансиско олеснување за правните лица кои пуштаат опрема на пазарот или увезуваат опрема.
- Утврдената цена на надоместокот за управување со отпадната опрема од Законот во досегашната примена не даде позитивни резултати за намалување на загадувањето на животната средина од електричниот отпад и електронската опрема. Предложената одредба тргнува од ноторниот факт согласно кој еден голем домаќински апарат е составен од различен тип на материјали, а притоа сите тие материјали не претставуваат електронски отпад. Во таа насока говори и фактот дека на пример една машина за перење алишта по својата структура содржи само 30 отсто материјал кој претставува електронски отпад, додека останатите 70 проценти се железо, пластика, цементен таг и слично. Уште поконкретно ако една машина за перење алишта тежи 50 кг, 40 кг од нејзината тежина се состои во пластика, цементен таг, а 10 кг од нејзината тежина се состои од материјал кој може да претставува електронски отпад – појаснуваат пратениците.
Тие укажуваат дека слични термини се применува во различни држави членки на Европската Унија кои прашањето го регулираат на свој начин и ја посочуваат Хрватска како пример.
- Во време на значително зголемување на цените на енергенсите кои имаат најголемо влијание врз утврдувањето на трошоците на правните лица како Производители сметаме дека намалувањето на надоместокот за управување со отпадната опрема, ќе значи намалување на финансиските издатоци кои го имаат правните лица, што ќе претставува значаен чекор кон стимулирање за целосна и доследна примена на одредбите – додаваат предлагачите.
Според нив, поради зголемената инфлација од која директно се погодени и правните лица, сметаат дека намалување на висината на утврдениот надомест ќе значи дополнителен стимул за истиот да го применуваат без притоа да создаваат големи финансиски издатоци.
Според она што пишува во документот доставен во Собранието, висината на надоместокот ќе биде различна, и ќе изнесува: 1,50 денари за килограм за опрема за температурна размена. Додека 2,87 денари за килограм би се плаќало за екрани, монитори и опрема која содржи екрани со површина поголема од 100 cm². Што се однесува пак до светилките, за нив ќе се плаќа 3,175 денари за килограм. По 4,50 денари за килограм ќе се плаќа за голема опрема, додека 5,75 денари за килограм за мала опрема. За мала информатичко - комуникациска технологија и телекомуникациска опрема предвидено е да се плаќа 6,50 денари по килограм.
Предлагачите велат ова ќе биде од големо значење бидејќи со измената трошоците за надоместок за извршена услуга за проширена одговорност кој го плаќаат производителите би се намалил, а тоа би значело дополнителен стимул за производителите во целост и во поголеми количини да го собираат, да вршат преработка и рециклирање на посебните текови на отпад.
Дополнително пратениците посочуваат дека ова ќе се постигне со утврдување на реалната тежина на електрична и електронска опрема, односно бараат одвојување на отпадот кој преставува електронски отпад од редовниот отпад.
Според нив, со измените исто така ќе се заштитат граѓаните на Македонија од зголемување на цените на производите, поради наметната нереална еко-такса, односно надоместокот.
- Со усвојување на предложената измена на Законот на одреден начин ќе се допринесе кон намалување на трошоците за надоместокот за електронска и електрична опрема. Ваквата регулација ќе допринесе за развој на капацитети на самите производители, наспроти сивата економија. Електричниот и електронскиот отпад и отпадните батерии делуваат како нетоксичен отпад, но нивното несоодветно третирање, уништување и депонирање доведува до испуштање на тешки метали во воздухот, водата и почвата, кои сериозно делуваат на здравјето на граѓаните и воопшто на квалитетот на животната средина. Овој отпад содржи екстремно токсични, често канцерогени супстанции што доведуваат до оштетување пред се на мозокот, срцето, бубрезите, белите дробови, а влијаат и на зголемување на крвниот притисок и на проблеми во репродуктивниот систем кај луѓето. Речиси 70 отсто од тешките метали, вклучувајќи ја живата и кадмиумот на депониите потекнуваат од електронската опрема – укажуваат пратениците.
П.О.
Фото: Принтскрин/Твитер
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.