ЌЕ СЕ ЗАШТИТУВА ДЕЛОВНАТА ТАЈНА – Се крчка нов закон, еве што подготвуваат надлежните и зошто
Објавено во: Економија 31 Октомври, 2023
Се подготвува Закон за заштита на деловна тајна, чија цел е создавање основа за заштита на досега неоткриени знаења и деловни информации со цел заштита на оние кои имаат откритие, или пак се на пат кон некоја новина.
На платформата ЕНЕР каде е поставено известување дека ќе се изработи ваков закон, е посочено дека поради фактот што досега не беше донесен посебен закон за заштита на деловната тајна или за заштита на информации и податоци, иако постојат повеќе законски прописи во кои се содржани одредби кои го регулираат прашањето за деловна тајна, било одлучено да се предложи посебно законско решение. Се посочува дека од суштинско значење е носење на посебен закон кој би резултирал со зајакнување на заштитата на виталните информации на деловните субјекти изложени на ризик од откривање.
Од Министерството за економија за Фактор посочуваат дека целта на Предлог-законот за заштита на деловна тајна, е создавање нормативни основи за систем на заштита на неоткриени знаења и искуства и деловни информации (деловна тајна) од незаконско стекнување, користење и откривање, а носителите на деловна тајна ќе можат да бараат мерки, постапки и правни средства заради спречување на незаконско стекнување, користење или откривање на нивната деловна тајна. Дополнуваат дека со новиот закон, овој систем ќе биде целосно усогласен со правните системи во земјите членки на Европската унија, односно со Директивата ЕУ 2016/943 за заштита на неоткриени знаења и искуства и трговски информации (деловни тајни) од незаконско прибавување, користење и објавување.
- Во Република Северна Македонија досега не беше донесен посебен закон за заштита на деловната тајна или за заштита на информациите и податоците, иако постојат повеќе законски прописи во кои се содржани одредби кои го регулираат прашањето за деловната тајна, како што се Законот за работните односи, Законот за облигационите односи, Законот за трговските друштва, Законот за банките и други, кои содржат одредби за заштита на деловна тајна. Оттука, од суштинско значење е донесувањето посебен закон за заштита на деловна тајна, кој би довел до зајакнување на заштитата на виталните информации на деловните субјекти што се изложени на ризик од незаконско стекнување, користење или откривање на нивната деловна тајна. Предложеното законско решение предвидува граганско-правна заштита на деловна тајна пред судови – прецизираат од Министерството.
Од оваа институција за нашиот медиум посочија дека нацрт Закон за заштита на деловната тајна е изработен, и сега е во фаза на меѓу ресорска консулатција. Исто така дополнуваат дека тој не повлекува обврска за обезбедување дополнителни финансиски средства за неговото спроведување и нема материјални обврски за одделни субјекти.
П.О.
Фото: Alvaro Reyes on Unsplash
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.