Добивај вести на Viber
Софија Куновска, поранешна советничка на СДСМ во Советот на Град Скопје и поранешна пратеничка, вели дека СДСм е во сериозни проблеми.
„СДСМ нема комплетирано раководство со месеци, анкетите укажуваат на уште послаб рејтинг од последните избори, идентитетски партијата е разобличена. Евентуални парламентарни избори заедно со локалните ќе го докрајчат и тоа малку што е останато од СДСМ. Затоа, наводната подготвеност на Венко Филипче за предвремени парламентарни избори е лажно силење од немајкаде и е дел од опозицискиот фолклор кој е наменет за јакнење на перцепцијата дека СДСМ се консолидира, што всушност нема допирна точка со реалноста“, тврди Куновска во разговор за „Локално“.
Од друга страна ВМРО-ДПМНЕ, како што рече таа, иако има старт далеку под очекувањата на јавноста, нема од кого да биде загрозен.
-Се чувствуваат комотно со мнозинство кое постојано има тенденција да се зголемува заради политичкиот нокдаун во кој се наоѓаат коалициите на ДУИ и СДСМ и делумно заради клиентелизмот во политиката. Христијан Мицкоски нема никаков интерес да оди на предвремени заедно со локалните избори, бидејќи таков потег само ќе го поистовети со природата на Груевски и ќе му штети на рејтингот кај меѓународниот фактор“ наведува поранешната пратеничка.
Оттука, нејзините проценки се поблиски до тоа дека предвремени парламентарни избори се можни една година после локалните избори, доколку се остварат проекциите дека ВМРО-ДПМНЕ ќе оствари голема победа.