Мариглен Демири: Влегуваме во фаза „се или ништо“
Објавено во: Македонија 21 Февруари, 2017
Политичката криза наместо да се решава, таа
се продлабочува. Влоговите се
зголемуваат, нема капацитет за решение.
Останува граѓаните да носат паралелни
процеси, да се мудри и да не влегуваат
во функција на ниту една политичка партија и тие да се носителите на процесите, а не партиите- вели за
Фактор, граѓанскиот активист и еден од основачите на Левица, Мариглен Демири.
Во блиска иднина тој не очекува излез од политичката криза, туку многу дворски
игри и квази-надмудрувања.
“Се плашам дека дури влегуваме во фаза на играта со императивот „се или ништо“. Мислам дека нема потреба од стравување. Мислам дека ткивото со коешто располага власта е веќе сронето, изморено и демотивирано. Треба да одговараат кривично. Се обидуваат со сите сили да го пролонгираат тој чин преку институционални и системски карамболи. Опозициската партија невешто ја води битката. Избори не се решение, ниту пак влада”- потенцира Демири.
За поделби вели сведочиме одамна, а тие во општеството не се санираат со политички договори. Политичките договори како акциони планови во себе кријат извесни временски ограничувања, стратегии, интеграции, законски нормативизирања. Дека сме многу поделено општество како што вели можеме да видиме и според начинот како лесно потпаѓаме под проекциите на машинеријата за манипулации на државниот и партиски апарат.
“Синтезата на етнички неспоивите нетрпенија, последниве години се интензивираше и имаше изгледи дека ќе успееме еднаш како луѓе без надворешни посредници, без политички партии и нивни олигарси да седнеме и да создаваме култура на отпор против сите можни политики на ропство и на конзервативни упоришта. Мислам дека партиите злоупотребија се живо и диво што мрда и прета во оваа насока. Овој начин на комуникација покажува дека сме за никаде како општество и држава. Ова покажува дека сме протекторат, дека немаме демократска култура, дека немаме минимум капацитет како луѓе да формираме држава и заедница. Дека не можеме еден најмал спор да го решиме без нечија медијација. Дека се давиме во клиентелизам и партизација на државата. Дека граѓаните кои се сиромашни и работници во државава чекаат политички разрешници од луѓе чии банкарски сметки се подлабоки од Каспиското езеро. Дека државата ја водат грст луѓе кои до пред 10 години се менуваа на четири, последниве десет имаме група која не ја дава власта оти ептен се топли привилегиите и комодитетот”- објаснува граѓанскиот активист.
На Македонија според него и треба надетничка и надполитичка, социјална платформа. Моментите со платформите и со пропагандата која освен што спинува, создава и невистини во однос на политичките преговори и политичкиот амбиент, според Демири прави безброј импликации во однос на секојдневнието во државава. Тоа води кон недoверба на луѓето и можност за растурање на релации на заедништво и растурање на можности за создавање на иницијативи. Дури и доколку се состави влада смета дека нема да се реши кризата. Влада формирана од 61 пратеник според него нема да има никаква можност за институционална и правна промена во значителни сегменти од државата.
“Таа влада само како карикатура ќе климчи и ќе создава илузија на некаква политичка победа. Никој не го анализира феноменот на над 450 илјади гласови дадени за ВМРО-ДПМНЕ. Многу е лесно да треснеме од ракав дека тоа се буџетари и идиоти кои гласаат за еден сендвич. Тоа не е реторика и логика на промени кои треба да спојуваат и синтетизираат, да еманципираат и да градат нов свет на другарство и на повеќе човештво. Јас не им верувам на големите политички партии. Тие секогаш едно зборуваат пред своето членство, друго во јавност. Можеби такви се условите и односите, таква е констелацијата на политички значења и политички пунктирани единици, но сепак еднаш мора да престанат нетранспарентните политички и меѓучовечки односиКризата е повеќеслојна во длабина и со многу кожи. Законот за СЈО, институција која виси над главата на ВМРО-ДПМНЕ, зависи и од волјата на истите. Се закануваат дека нема да гласаат продолжување. Доколку немаме правна разрешница, што ќе правиме? Ќе се мотаме по улици ли сеуште, затоа што нашите политичари се неспособни да се договорат и неспособни да изнесат предуслови за секој договор”- нагласува Мариглен Демири.
Според него наместо политички треба да се носат социјални платформи кои ќе се темелат на потребите на граѓаните.
“Јас напишав статус дека ќе формирам платформа со социјални барања. Не смеат да се заборават сиромашните, не смее да се заборави животната средина со што треба итни мерки за намалување на загадувањето и да престанат да гаат националистички амбиент во политко-создавањето, амбиент кој не го заобиколува никого и според чии правила политика се отуѓува од своите фундаментални својства. Тие карактеристики во даден момент во историјата имаат и имале своја политичка траса, сега се само момент на екстаза на политичкото и киднапирање енергијата и еуфоријата која ја градевме со години по улици, митинзи, дебати, школи, а тоа е оној надетничкиот и социјалниот, а тука влегуваат и правната држава, образованието, инфраструктурни решенија”-
Острата реторика на власта и движењето за десоросоизација на невладиниот сектор и медиумите, според Демири е акција наменета за гласачите на ВМРО-ДПМНЕ со логиката дека се пресметува и со т.н. платеници од една страна, од друга страна има една јасна дистракција за граѓаните, затоа што оваа т.н. десоросоизација се случува во моменти кога ВМРО-ДПМНЕ се договара со ДУИ и во кои ја прифаќа т.н. албанска платформа освен одредбата за СЈО.
“Нешто што ни укажува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе прифатат дури и албанец премиер и ќе го тетовираат ликот на али ахмети по грбовите, само да не продолжи СЈО со работа и да не ги подведе под кривичен прогон. Тоа се луѓе платени со наши пари. Некои ги бива, некои не ги бива, ама кои сме ние да зборуваме за кадровските решенија. На ова гледам како еден од пунктовите на дискурзивните стратегии на една политика, особено политика која е многу добро структурирана и обмислена. Мислам дека доколку една организација ги помине ревизорските контроли, нема што да му ја мисли”- смета Демири.
Личната правда вели ќе ја бара на суд. На 14 март е закажано рочиште за случајот со кршењето на Народната канцеларија на Претседателот на државата, на протестите на Шарената револуција. Демири се изјаснил како невин и вели својата невиност ќе ја докаже.
Демократијата како систем според него носи потенцијал да сообразува со некакви промени. Таа како што вели ја имаме насекаде, дома, на улица, на школо, или ја нема никаде. Оттука смета дека медиумите и граѓаните треба да се критички кон сите партии и кон сите политики кои не сообразуваат со слободата на граѓаните и моментот на избор – колку тие имаат избор во животот. Бидејќи вели тоа е жив организам!
С.Б.