МЕДИТЕРАНСКИ ВЛАЖЕН БРАН НА НЕБОТО НАД МАКЕДОНИЈА: Еве што да очекувате денес и утре
Објавено во: Македонија 29 Јануари, 2025
Под влијание на влажен воздушен бран од Медитеранот, денес и во четврток ќе има повремени врнежи од дожд, кои денес најпрвин ќе ги има во западните предели, а во текот на утрешната вечер и ноќ кон четврток ќе се прошират на повеќе места низ Македонија и ќе бидат пообилни во западните предели (локално над 25/30 литри воден талог на метар квадратен), кога на повисоките планини, над 1600/1700 метри надморска височина ќе има врнежи од снег и снежната покривка ќе се зголеми, најавува метеорологот Славчо Попоски.
„За време на овој влажен бран, повремено ќе засилува ветерот од јужен и од југоисточен правец. По котлините и понатаму ќе има услови за појава на магла и ниска облачност, особено во ноќните и во утринските часови.
Во текот на овој влажен бран, повремени, но послаби врнежи од дожд ќе има и во Скопскиот регион, а повремено ќе дува и слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Што се однесува до температурите, наутро тие речиси насекаде ќе бидат над нулата, со исклучок на високите планини. Максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот од 5 до 15 степени. Во Скопје и околината наутро температурата ќе биде позитивна, или за неколку степени над нулата, а преку ден таа ќе се искачува во интервалот помеѓу 13 и 15 степени“, вели тој.