Меркел: На 30 септември не седете дома
Објавено во: Македонија 08 Септември, 2018
- Оваа посета е силен поттик за нас и уште едно охрабрување за нас. Гаранција дека договорот од Преспа го отвора патот во ЕУ и НАТО. Германија е трговски партнер број еден за Македонија. Размената е повеќе од 3,6 милијарди долари, а очекуваме годинава таа да биде повеќе од четири милијарди. Германските компании нека продоожат со експанзијата на своите бизниси во Македонија. Нам ни останува домашната задача да продолжиме интензивно со реформите за да го залсужиме нашето членство. Многу е важно Германија да остане посветена на иницијативата од Берлинскиот процес. Канцеларката ни прави голема чест со посета на Македонија на денот на независноста - рече премиерот Заев на заедничката прес-конференција со канцеларката Ангела Меркел во Владата на Република Македонија.
Меркел им порача на македонските граѓани да не седат дома на 30 септември и да се изјаснат на референдумот за прифаќање на Договорот од Преспа.
- Да ви го честитам прво вашиот национален празник и се радувам што 26 години имаме интензивни дипломатски односи. Околу 100.000 Македонци живеат во Германија, но поважна е одличната трговска размена, а ние имаме наша комора во Македонија. Но ние сакаме да имаме уште попродлабочена врска. Денеска вие се потсетувате на референдумот од 1991, вие сте поканети да станете членка во НАТО и сте пред отворање на поглавјата за членство на ЕУ, но претстои уште многу работа. Не останувајте на историскиот ден дома на на 30 септември. Сакам да му се заблагодарам и на бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој исто така помогна во овие процеси. Ќе испратиме советник во Владата кој ќе помогне во спроведување на реформите, а ќе обезбедиме и финансиска поддршка за младите во Македонија - наведе таа.
Меркел потврди дека ќе се сретне со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, додека нема да има средба со претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов.
Верува дека ќе има голема излезеност на референдумот на 30 септември и дека од германски аспект постои голем интерес регионот да биде стабилен. Таа додаде дека можноста за учество на Западен Балкан во ЕУ е и од интерес на Германија.
- Вие сами одлучувате за иднината на вашата земја. Има јасни предуслови кои треба да се исполнат и сите земји-членки треба да се согласат. Тука нема никаква закана за изолација, туку критериумите се јасни - додаде германската лидерка.