Мицкоски: Ќе чекаме мислење од Антикорупциска па ќе одлучиме за Бојан Христовски
Објавено во: Македонија 30 Октомври, 2024
Премиерот Христијан Мицкоски денеска пред медиумите како одговор на новинарско прашање рече дека Владата ќе чека мислење од Државната комсиија за спречување на корупција за да одлучи дали ќе го задржи Бојан Христовски на чело на Агенцијата за национална безбедност.
- Ќе го чекаме мислењето на Државната комисија за спречување на корупција, кратко одговори Мицкоски по прашањето дали Владата ќе реагира по прашањето со сомнителниот сертификат за познавање на англиски јазик што Христовски го извадил во Бугарија.
Моментално Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) постапува по предметот за новоименуваниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и доколку во разумен рок не ги испитаат наводите, Обвинителството најави дека ќе оформи предмет и ќе ги провери.
ДКСК минатата недела отвори предмет за именувањето на Христовски за директор на АНБ, откако до Антикорупциска пристигнала анонимна претставка во која пишувало дека тој не ги исполнува условите за да биде директор.Претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска потврди дека до нив стигнала ваква претставка и дека по неа е оформен предмет и веќе се постапува.